Северот на Косово е блокиран четврти ден откако локалните Срби поставија барикади на најважните магистрални патишта. КФОР објави дека единствениот пат до мир е Белград и Приштина да ги решат своите прашања преку дијалог и да ги почитуваат правата на сите заедници. Тие наведуваат дека е важно да се избегне каква било повторна ескалација и дека остануваат крајно претпазливи и целосно способни да го исполнат својот мандат од ОН. Состојбата на северот од земјата е мирна, а основните и средните училишта и денеска не работат поради, како што се наведува, безбедноста на децата.
Останува прашањето што понатаму и како ваквата ситуација би влијаела на останатиот дел од регионот, особено на Македонија. Дел од експертите со кои „Локално“ поразговара велат дека земјава е засегната од случувањата, но нашата позиција е само да набљудува. Политичкиот аналитичар и граѓански активист Бесим Небиу смета дека немаме голема улога во решавање на косовскиот спор.
-Мислам дека е дојдено време после руската агресија, овој проблем да се стави ад акта. Двата најголеми проблеми се БиХ и Косово. Македонија во моментов не е никаков проблем за европската заедница. Ги почнавме преговорите, постои политички процес, постои меѓуетничка разврска и од призма на меѓународниот фактор проблемите од Косово и БиХ можат да прелеат овде, но земјава сама по себе не е проблемот, оценува Небиу.
Аналитичарот вели дека постои предлог за смирување на српско-косовските односи официјално потврден од ЕУ.
-Постои рамка во кој што се однесува процесот. Предлогот е даден на двете влади во август и последната ескалација е во контекст на создавање на преговарачки позиции на двете страни. На Балканот најчесто пред да се решаваат проблемите, прво ескалираат, како 2001 година во Македонија. Постои преговарачки процес на маса, во него се бараат одредени компромиси од двете страни, вели Небиу.
Тој потенцира дека ЕУЛЕКС и КФОР се на ставот за тргање на барикадите и не гледа особена важност од порака од Ескобар по ова прашање.
-Во Резолуцијата 1244 е предвидена опцијата за српски сили на Косово. Ова нема да биде првпат. Беше побарано во моменти кога меѓународната заедница се уште целосно не го признаваше Косово. Доколку тогаш не биле одобрени, не гледам причини да биде одобрена одлуката сега, со оглед дека таа територија на која цели господинот Вучиќ да испрати сили е во рамките на друга суверена земја признаена од најголем број на земји кои што се во рамките на КФОР и ЕУ. Изјавата е повеќе во домен на домашна употреба и пи-ар. И на Вучиќ тоа нема никаква практична вредност. Тука има и малку мелодраматика која што е својствена на Вучиќ, но сето тоа во функција на спремање и кондиционирање на српската јавност, истакнува аналитичарот.
Сличен став дели и професорот и аналитичар Мерсел Биљали. Тој во разговор за „Локално“ вели дека не очекува евентуално прелевање на кризата во Македонија.
-Минато е кога Македонија беше критична маса за етничките односи. За жал, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски понекогаш ќе уфрли некој „бисер“, но тоа е голема неодговорност и намерно поставување мини каде што не се потребни. Мислам дека политичарите треба да праќаат сигнали без етничка боја и како да функционира државата, објаснува Биљали.
Тој смета дека повеќе сегменти од европската и американската дипломатија се вклучени во решавање на тензиите на северот од Косово.
-Секоја од страните и лидерите се плаши за дефинитивниот чекор кој не значи дека се добива или се губи. Значи едно балансирање, кое ќе им наштети на лидерите било на Косово или Србија. Тука е државничкиот капацитет да се согласите со тоа што ќе губите од рејтингот, но проблемите ќе се решаваат. Добива мирот. За двајцата лидери (Курти и Вучиќ) е круцијален нивниот политички опстанок после договор. Не случајно имаме такви инциденти, кои се создаваат со цел дека е многу тешко и кога ќе се дојде до решение, да не сносат преголеми политички последици по нивниот рејтинг, истакнува професорот.
Додава дека не очекува да биде одобрена одлуката на официјален Белград за враќање на војници на Косово, согласно Резолуцијата на Советот за безбедност.
-Тоа е само за внатрешна употреба, оценува Биљали за најавата на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Околу барикадите на северот од Косово, вели дека се создаваат од некој центар.
-Јас не гледам дека таму кај луѓето има омраза. Има и чудна соработка во однос на црната трговија меѓу Србите и Албанците во тој дел. За мене е погрешно тоа што цело време Курти го форсираше во делот на регистарските таблички. Цело време некако се импровизира дека им е многу тешко и на двајцата лидери. Мислам дека меѓународнта заедница ги притиска и дека кон средината на летото, ќе имаме едно дефинитивно решение по овој спор, порачува професорот.