По целосната интеграција во НАТО, Република Северна Македонија продолжува со напорите за влез во Европската Унија (ЕУ), што во прв план  повторно ги истакнува односите со соседите. Бидејќи работите никогаш не се црно-бели, а за подобро согледување и разбирање на овој проблем, неопходно е да се има на ум пошироката слика во контекст на односите на Балканот. Овој текст е еден од искрените обиди во таа смисла: Република Северна Македонија (РСМ) сака да стане членка на ЕУ. Таа неодамна беше примена во НАТО. Тврди дека ги решила долгогодишните спорови со соседите – Грција и Бугарија – и сега заслужува членство во ЕУ.

Или барем отворање на пристапните преговори. Европската комисија (ЕК) и повеќето земји-членки го делат овој став.

Република Северна Македонија се модернизира. Ја менува својата легислатива, при што прописите за транспонирање на acquis communautaire се донесуваат по итна постапка – тоа се т.н. Закони со европско знаменце.

Република Северна Македонија гради автопати за побрзо и поефикасно поврзување со соседите, што ќе ја поттикне трговијата и инвестициите не само на нејзината територија, туку и на целиот Балкански Полуостров.

Еден од овие автопати поминува покрај или низ – во овој случај тоа се деталите – масовната гробница на војниците на Централните сили загинати во Првата светска војна.

Други такви гробишта беа уништени, а телата беа повторно закопани во масовни гробници, заедно со посмртните останки на војниците од другите армии кои се означени  како „македонски“. Ова само по себе е апсурдно со оглед на тоа што за време на Првата светска војна немало „македонска војска“, туку мажи од овие простори се бореле во српската или бугарската војска во зависност од нивното потекло и уверувања.

Освен уништување гробови, вообичаена практика во РСМ е и рушење на споменици поврзани со армиите на државите кои биле непријатели на Кралството Србија за време на Големата војна.

Да, Првата светска војна е еден вид симбол на победничкиот национализам кој резултира со распаѓање на мултинационалните империи и создавање на голем број национални држави, од кои секоја љубоморно чува, пишува и допишува своја историја.

Од оваа гледна точка, активностите на Скопје, иако беа преземени со задоцнување од еден век, барем можеа да се објаснат и разберат, ако не и да се прифатат.  Но, приказната не започнува и, за жал, не завршува тука. Пред неколку месеци во Скопје изби скандал со замената на натписите на надгробните споменици на неколку воини загинати во борбата против Отоманската империја. Излегува дека антиотоманскиот отпор во Македонија – заеднички чин на сите угнетени народи до неговата кулминација во 1903 година – е проблем и за Скопје.

 

Иако тврдат дека се политички, историски и морални наследници на Крушевската Република прогласена во август 1903 година од страна на Тајната македонска револуционерна организација (забележете го името – не содржи етноними!),  претставници на власта во Северна Македонија и Македонската православна црква сметаат дека е неопходно да се препише натпис на надгробната плоча на девет членови на револуционерната организација, за да одговара на нивниот современ концепт за историјата и идентитетот на Македонија и на Македонците.

Иако се граничи со апсурд, потегот би можел на некој начин да се објасни. Не велиме да се оправда.

Но, што се криви петнаесетте бугарски туристи кои загинаа во потонувањето на туристичкиот брод „Илинден“ на Охридското Езеро во 2009 година? И нивниот споменик беше урнат минатата година.

Почитувањето на мртвите е морална норма во Европа. Изразот на тоа е подигање надгробни споменици и комплицирани процедури за ексхумација, кога она е потребна. А меѓусебното почитување на противниците во битка, живи и мртви, е дел од добрите воени и политички традиции уште од времето на витезите.

Ова правило беше делумно кодифицирано на почетокот на 20 век, но беше речиси безусловно почитувано за време на двете светски војни. Се чини дека одредени кругови во Западен Балкан не забележуваат некои од овие елементи.

Меѓутоа, постојат елоквентни примери за спротивното. И нема потреба да ги барате на боиштата на Западниот фронт. Во малото село Мирцеа Вода, покрај стариот пат од романската престолнина Букурешт до пристаништето Констанца, има воени гробишта.

Таму заедно се погребани војници од Бугарија, Романија, Германија и Русија кои загинале во Првата светска војна и се бореле на различни страни. И тоа место е на Балканот, но покажува суптилна разлика меѓу членките на ЕУ и оние кои се уште се надвор од Унијата. Прашање на вредности.

Автор: В.Ф.

Преземено од  GEOPOLITIKA.NEWS