Пишува: Зоран БОЈАРОВСКИ
Може од ВМРО-ДПМНЕ да се прават дека им се лутат на Бугарите колку што сакаат, ама некои работи можат и да научат од нив.
Еве ја најважната лекција што вчера им пристигна од Софија: Големите политички ривали, ГЕРБ и коалицијата „Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија“ се договорија да ја извлечат бугарската политика од ќор-сокакот, барем што се однесува до законодавната агенда на новото собрание и изборот на неговиот спикер. Преговарачките тимови на двете партии се договорија претседател на парламентот да биде Росен Желјазков од ГЕРБ, а претседателот на клучната собраниска правна комисија да го предложи ПП-ДБ.
Двете најголеми коалиции со најголем скор на последните избори сѐ уште не разговараат за заедничка влада, но ова е првиот чекор од она што Рацин.мк го најави ден после изборната недела во Софија.
Јасно е дека договорот меѓу ГЕРБ и ПП-ДБ во оваа насока, е, всушност, приближување на ставовите на двете коалиции да се согласат да направат некаква пред сѐ виртуелна тематска влада, односно, сега е веќе јасно – политички блок во Собранието како решение за деблокада на политичките процеси во земјата за порешително свртување на Бугарија во насока на Запад, кон посилна поддршка на политиките на НАТО и кон појасна поддршка за Украина.
Блокот ГЕРБ/ПП-ДБ во Собранието, во основа си постави за цел донесување на три приоритетни закони: реформи во антикорупциската комисија; воведување механизам за истрага на јавниот обвинител и измени на предлог-законот за заштита од семејно насилство.
Но, она што е интересно да се „прочита меѓу редовите“ од вестите што пристигнаа од Софија е дека освен за овие закони, неформалната привремена коалиција разговарала и за за измени на голем број предлог-закони неопходни за распределба на средствата од Европската комисија според Планот за закрепнување и одржливост, за пристапување на Бугарија во Шенген и во еврозоната.
Тоа значи дека лидерите на овие партии ги оставаат подотверени вратите за заедничко учество во други политички процеси од интерес за земјата.
Ова јасно зборува дека двете најголеми парламентарни формации се обидуваат да обезбедат најважните реформи и закони да бидат донесени пред евентуални нови избори, па макар и немало политичка влада, а со земјата повторно да раководи службен кабинет предложен од претседателот Румен Радев.
За добри политички лекции, потребни се и добри ученици
За жал, наместо обединување околу стратешките интереси на државата и граѓаните според ова што како пример го сведочат двете најголеми коалиции во Бугарија, во Македонија и ВМРО-ДПМНЕ и Левица и понатаму остануваат на позицијата дека нема да дадат поддршка за уставните измени со кои практично ќе продолжи преговарачкиот процес на земјава за членство во Европската Унија.
Блокадите и бојкотот се континуитет на овие две партии. И двете со слични аргументи настапија при одбивањето на францускиот предлог, а симпатизерите и членовите на партиите заеднички протестираа пред Владата и Собранието. Според нив, предлогот требало да биде одбиен, бидејќи, како што рекоа, со него се губат идентитет и јазикот, што се покажа како лага.
Воедно, ниту една од двете партии не гласаше „за“ Договорот за Фронтекс, кој беше првиот потпишан договор меѓу Скопје и Брисел и на македонски јазик. Двете партии го оспоруваат и Договорот за добрососедство со Бугарија, а официјални претставници на партиите обвинија дека учебниците ќе се пишувале во Софија. И оваа лага беше демантирана од македонските историчари во Мешовитата историска комисија. Левица дури во Собранието покрена и иницијатива за распишување референдум за „францускиот предлог“, која експресно беше поддржана од партијата на Мицкоски.
Освен за евроинтегративниот пат, Левица и ВМРО-ДПМНЕ користеа исти методи и тактики и претходно за исполнувањето на државната стратешка цел за членство во НАТО. Левица во делот од програмата, посветен на Меѓународните односи и организации, се залага за „итно отчленување од НАТО- пактот, поради непочитување на уставната процедура за влез во воен „сојуз“ со други држави, како и непочитување на волјата на народот изразена на Референдумот од 2018 година“. Токму референдумот беше круцијален пример за заедничкото делување на двете партии. Додека Левица отворено застана зад бојкот, ВМРО-ДПМНЕ потајно го поддржа, а малкуте партиски функционери кои излегоа да гласаат се најдоа на мета на критики од своите сопартијци.
Партиите на Мицкоски и Апасиев за уште едно крупно прашање беа на иста линија, а тоа е пописот.
Да не заборавиме дека ВМРО-ДПМНЕ го застапуваше концептот „Македонија за сите“ со кој Мицкоски отвори една нова „стара“ страница на поделби на етничка основа и тоа на само неколку дена од одбележувањето на 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор, со кој се стави крај на воениот конфликт од 2001 година.
Ако не сакаме да учиме од Бугарија, да учиме од Хрватска
Еве да не зборуваме апстрактно и само со партиско-политички поглед на работите. Да ги споредиме фактите за Македонија и Хрватска на нивниот пат до ЕУ, за да укажеме дека одлагањето на членството во ЕУ е одлагање и на огромните можност за развој. Овој пат моѓеби засекогаш.
Двете земји, Хрватска и Македонија добија кандидадски статус за членство во ЕУ во 2005 година. Во 2013 година Хрватска ги затвори преговорите и стана полноправна членка. За само 8 години.
За тоа колку брзо се имплементираа европските стандарди говори фактот дека после точпно 10 години, на 1 јануари оваа година Хрватска влезе во Шенген и евро зоната и стана дваесеттата земја членка со највисоки ЕУ стандарди и придобивки. За оваа земја се укинаа граничните контроли на копнените и поморските гранични премини, а од 26 март на аеродромите.
„Ги постигнавме стратешките цели на Република Хрватска, од кои најголема корист ќе имаат граѓаните и стопанството!“, објави по тој повод премиерот Пленковиќ на Фејсбук.
Северна Македонија ги започна преговорите лани, во 2022 година. Си постави за цел да ги затвори преговорите до 2030, и таа година да биде година кога земјата ќе стане членка на ЕУ. Амбицијата е наша, односно на владеачката коалиција, но и од ЕУ рекоа дека тоа е можно ако сите се актвивно вклучени во процесот, ако нема блокади и ако имаме функционални институции.
Но, на сите овие предуслови и ВМРО-ДПМНЕ и Левица работат со сите сили за да бидат опструирани и да го оневозможат процесот да тече така како што може да тече, според ЕУ функционерите и според реалните аналитичари.
Да се навратиме повторно на примерот на Хрватска, која, како пример за нас за ова прашање е исклучително податлива. И Хрватска имаше проблеми со соседите, особено во Словенија, којашто веќе беше членка на ЕУ, околу водите на Јадранското Море. И Хрватска имаше внатрешни разлики околу решавањето, но лидерите на политиќките партии седнаа и се договорија дека пред себе имаат многу повисоки национални цели. Го сфатија и се согласија околу најважното: Сите тие, односно најзчајаните од нив застапени во парлементот и ви власта и во опозицијата одделно, ги делеа тогаш истите цели кога е во прашање НАТО и ЕУ и се согласија дека до нивното остварување ќе ги остават разликите за нивното оставрување настрана. И резултатите неминовно дојдоа.
Хрватска е членка на НАТО и земја членка на ЕУ во Шенген зоната. Поддршката од ЕУ за Хрватска за 10 години изнесува 25 милијарди евра. До 2027, за Хрватска се наменети 22 милијарди евра од буџетот на ЕУ 2020-2027.
Дури 70 отсто од јавните инвестиции во Република Хрватска денес доаѓаат од фондовите на ЕУ.
Назад во реалноста на делбите наместо во придобивките од обединувањето
Придобивките за Хрватската држава и нејзините граѓани од обединувањето на нивните политички елити, еве, е сосема јасно и опипливо.
Зошто неразумното однесување на Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ во Собранието да не го замени со еден конструктивен пристап и, на пример, да предложи Закон за преговори со ЕУ? Со законот може да се зајакне позицијата на Националниот совет за евроинтеграции, со кој раководи оваа партија, и да се опфатат сите разумни предлози за едно вакво законско решение околу кое ќе се обединат двете најголеми партии, како и роковите за остварување на законските одредби, кои, се разбира, се фокусираат во централната цел – членство во ЕУ во 2030 година.
Тие ја научиле лакцијата за последиците од внатрешните делби, и многу од прашањата кои некогаш беа предмет за политичко профитирање со полноправното и функционално членство во ЕУ станале бесмислени и сега веќе никој не се бави со нив.
Но, во Македонија не прифативме да учиме од искуствата на другите. Опасната игра на потпалување на националистичките страсти ја сведочиме и деновиве кога ја следиме актуелната кампања да го пресликаме Уставот на Хрватска и на „наш терен“ и повторно да ги разбудиме злите духови на поделби.
Дури и во „технологијата“ со која си замислуваат тоа да го направат Мицкоски и неговите „дупликати“ Николоски и Милошоски ги внесуваат фантазмагориите на поделбите, па сега се пазарат дури и до грбот на државата и пуштаат гласници за да „трубат“ дека ако го сместиме лавот во хералдиката на земјата, они би прифатиле уставни измени.
Никој веќе не паѓа на овие „фолови“ на Мицкоски и неговите следбеници од најтесниот партиски врв затоа што веќе станува сосема очигледно дека секоја од овие постапки на лидерството на ВМРО-ДПМНЕ води кон федерализација на земјата. Тој филм Мицкоски нема да го гледа и тоа треба да му кажат и неговите од партијата зашто сме уверени дека има доволни разумни глави во ВМРО-ДПМНЕ што можат да го запрат ова деструктивно однесување на нивниот лидер.
Наместо „фолови“ кои ништо добро не им носат на држвата и на народот, потребно е конструктивно и креативно учество на ВМРО-ДПМНЕ во овој процес. Иако не веруваме во креативноста на Мицкоски, еве еден пример, како може да изгледа еден конструктивен пристап: Зошто неразумното однесување на Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ во Собранието да не го замени со еден конструктивен пристап и, на пример, да предложи Закон за преговори со ЕУ? Со законот може да се зајакне позицијата на Националниот совет за евроинтеграции, со кој раководи оваа партија, и да се опфатат сите разумни предлози за едно вакво законско решение околу кое ќе се обединат двете најголеми партии, како и роковите за остварување на законските одредби, кои, се разбира, се фокусираат во централната цел – членство во ЕУ во 2030 година.
Време е.
Превземено од Рацин.мк