Втора Светска Војна
Најголемото пролевање крв во историјата на човештвото, познато како Втора Светска Војна, во Европа започнува на први септември 1939 година со нападот на Полска од страна на нацистичка Германија. Во следните шест години се случуваат најголемите оружени судири во историјата на три континенти: Европа, Африка и Азија, во речиси сите мориња и океани. Војната, во најголем дел, ја водат две спротивставени страни: Силите на Оската – или Тројниот Пакт Берлин – Рим – Токио (како и бројни европски земји во кои се инсталирани квислиншки режими, или режими со фашистичка идеологија) ; и Сојузниците – САД, СССР, Велика Британија, земјите од комонвелтот, југословенските партизани, силите на Слободна Франција и многу други.
За време на војната околу 60 милиони луѓе ги губат своите животи, од тоа околу 27 милиони се војници, а остатокот цивилни жртви. Нацистичките и фашистичките сили го спроведуваат најгрозниот и најсистематски чин на геноцид – Холокаустот, во кој животите ги губат шест милиони европски Евреи. Спорeд нацистичкото конечно решение во светот нема место за Евреи, Словени, Роми, хомосексуалци, луѓе со попреченост, синдикалисти, комунисти… За нив се концентрационите логори – Аушвиц, Треблинка, Дахау, Бухенвалд…
Освен Холокаустот, овој период сведочи и на бројни масакри, прогони, измачувања, принудна работа и малтретирање. Балканот сѐ уште ги памети 2796-те масакрирани во Крагуевац, од кои 287 млади и средношколци, а 40 деца на возраст од 11 до 15 години.
Фашистичкото лудило во Европа го доживува својот крах под колосалниот притисок од страна на Сојузниците кои продираат во нацистичка Германија од запад и од исток. Најголем дел од товарот на овој потфат, носат силите на Советскиот Сојуз кои и покрај огромните човечки жртви се пробиваат во Берлин, каде Хитлер извршува самоубиство на 30 април 1945 година. А, капитулацијата на негвиот Трет Рајх се случува неколку дена подоцна на 9 мај. Со тоа во Европа завршува Втората Светска Војна и фашистичките сили и држави се војнички целосно поразени.
9 Мај, станува ден за одбележување на победата над фашизмот во многу земји во Европа. Ве земјите од поранешнкот Советски Сојуз, особено во Русија, овој ден се празнува како Ден на победата, во поранешна Југославија – Ден на победата над фашизмот, во западна Европа – Ден на победата во Европа.
Судири со фашизмот пред Втората Светска Војна
Експанзијата на фашистичките режими и воените судири со нив започнуваат многу порано од 1939 година. Преку нив може да се следи растот на моќта на фашизмот и опасностите кои се појавуваат за целото човештво доколку прогресивните сили останат неодлучни во борбата со злото:
- Италијанска инвазија на Етиопија од октомври 1935 до мај 1936 трае војната меѓу Кралството Италија и Етиопската Империја, која завршува со пораз на Етиопија и нејзино присоединување на италијанските колониии во Африка
- Шпанската граѓанска војна – директен оружен судир меѓу Републиканската влада на Шпанија и бунтовничките националистички генерали предводени од Франко. На страната на републиката застануваат Советскиот Сојуз, Мексико, легендарните Меѓународни бригади и целата прогресивна јавност во светот. Во исто време, шпанските фалангисти добиваат воена помош и поддршка од Италија и Третиот Рајх, со чија помош успеваат да победат во војната во 1939 година.
- Јапонска инвазија на Кина во јули 1937 година Јапонија започнува инвазија врз соседната Кина, која е одбележана со падот на неколку големи кинески градови и многу сурови воени злосторства и масакри извршени врз граѓаните на Кина. Јапонија не успева да го скрши кинескиот отпор, кој не сопира се до крајот на Втората Светска Војна и поразот на Јапонија
- Окупации и прекројувања во Европа пред војната Како жртви на фашистичкиот подем и насилие и пред почетокот на војната во Европа паѓаат неколку држави: Чехословачка – во 1938 година под притисок на Третиот Рајх ја губи областа Судети. Но, тоа не ги задоволува апетитите на нацистите и во март 1939 година ја освојуваат Чехословачка. Во исто време со закана и ултиматум и се одземаат делови и на Литванија. Во април 1939 година, Италија ја освојува Албанија. Во август 1939 година Третиот Рајх и СССР потпишуваат договор со кој Рајхот ги добива западна Полска и Литванија, а СССР источна Полска, Финска, Естонија, Латвија и Бесарабија.
Што е фашизам?
Фашизмот е екстремно десничарска политичка идеологија која се карактеризира со диктаторска моќ, екстремен национализам, потиснување на индивидуалните права и слободи и глорификација на насилството и војувањето. Тоа вообичаено вклучува тоталитарен систем на владеење предводен од еден лидер, често со воена или паравоена сила која го спроведува нивното владеење. Фашистичките режими често се потпираат на пропаганда и цензура за да го контролираат населението и да го потиснат несогласувањето, и може да користат насилство или принуда за да ја одржат власта. Историски гледано, фашистички режими се појавија во различни земји, особено во Европа на почетокот до средината на 20 век.
Низ историјата имало неколку фашистички режими, но многу од нив биле поразени или соборени. Некои од најзначајните фашистички режими вклучуваат:
- Фашистичка Италија предводена од Бенито Мусолини од 1922 до 1943 година
- Нацистичка Германија предводена од Адолф Хитлер од 1933 до 1945 година
- Шпанија под националистичкиот режим на генерал Франциско Франко од 1939 до 1975 година
- Аргентина под воената диктатура позната како Национален процес на реорганизација од 1976 до 1983 година
- Чиле под воената диктатура на генералот Аугусто Пиноче од 1973 до 1990 година
- Романија под фашистичкиот режим на Јон Антонеску од 1940 до 1944 година
- Хрватска под фашистичкиот усташки режим за време на Втората светска војна
- Јапонија под воената диктатура на Хидеки Тојо од 1941 до 1945 година
Вреди да се напомене дека иако сите овие режими споделуваат некои карактеристики на фашизмот, тие исто така може да имаат уникатни карактеристики што ги разликуваат еден од друг. Дополнително, има и други авторитарни или тоталитарни режими кои можеби не се класифицирани како фашистички, но покажуваат слични обрасци на угнетување и контрола, а во последно време и користење на војската и паравоени приватни организации за територијална експанзија и геноцидални напади врз цивилно население.
9 Мај одбележува светли моменти во историјата на многу држави. Но, за неговото одбележување како ден на победата над фашизмот да има смисла, основен услов е земјата која го слави да се преслуша колку од особините на фашизмот има преземано во своето устројување и однесување кон соседите. Да се преслуша дали можеби имиџот на глобална антифашистичка сила во моментов е во масовните гробници во некое предградие викано Буча, или под урнатините на некое гратче наречено Бахмут. Антифашизмот не е тапија од имот која може да се предава од генерација на генерација, не е желба за империјална експанзија и геноцид над послабите, туку постојана и бескомпромисна борба за слобода и унапредување на човештвото. Не може навечер да вршите геноцид, а наутро да славите антифашизам, едноставно – не може.