Полскиот премиер Матеуш Моравјецки ги повика Полјаците да воведат свои лични санкции кон Русија, преку бојкот на стоки од руски компании или странски кои заработуваат во Русија.
„Бидејќи војната веќе на некој начин се однесува на секој од нас, тогаш секој од нас мора на некој начин да се вклучи во нејзино запирање. Затоа, ве повикувам самоиницијативно да воведете свои лични санкции. Најочигледен е бојкотот на руските производи, бојкотот на руските компании, но и на оние странски кои не сакаат да престанат да заработуваат со нивното присуство во Русија“, рече Моравјецки во својот викенд подкаст.
Полскиот премиер рече дека списоците на тие компании се лесно достапни на Интернет.
Тој додаде дека е разбирлив отпорот кон сè што е руско ширум светот од крајот на февруари, кога Русија ја нападна Украина, па дури и кон руската култура, но смета дека руските книги не треба да се фрлаат.
„Не ве поттикнувам да фрлате руски книги, бидејќи тоа е важна литература. Но, во најскоро време, подобро земете да го читате Тарас Шевченко, а не Александар Пушкин“, препорача Моравјецки.