Министерството за образование и наука на сите наставници и стручни соработници, на учениците и нивните семејства им посакува успешна учебна година. „Со добро здравје и силна посветеност кон учењето и работата, да ги остварат личните обврски и цели“.
„Ги охрабруваме учениците со љубопитност да чекорат по патот на знаењето, кое е најмоќната алатка за успех што секој може да ја понесе со себе низ животот. Да бидат истрајни во справувањето со предизвиците и на нив да гледаат како нови можности за лична надградба и просперитет.
До наставниците и сите вработени во училиштата изразуваме искрена благодарност и почит. Тие се столбот на образованието и заедно со родителите/старателите треба да продолжат да им го трасираат патот кон успехот на новите генерации“, велат од МОН.
Министерството за образование и наука соопштува дека и натаму ќе се заложува за квалитетно, современо и инклузивно образование за сите.
„Потребна е соработка и поддршка. Повикуваме на обединетост во градењето на училишта исполнети со знаење и почит, во градењето на средина во која младите ќе сакаат да останат и да го вложат својот потенцијал“, се додава во соопштението од МОН.