Во Фејсбук групата „Штипска идила“ се појави веста за осмооделенецот Дамјан Давков, кој иако е првак по математика, не може да добие награда бидејќи е осмолетка, а се натпреварувал во ранг на средношколци.

Дамјан Давков од Штип и неговиот наставник, иако се прваци во земјава на сите натпревари по математика, не успеале да ја добијат паричната награда бидејќи прописите на Министерството за образование утврдиле дека детето е во осмолетка. Иако Давков се натпреварува во конкуренција со средношколци и е најдобар, министерството сепак одлучило да не му ја даде наградата.

„Се сеќавате на штипскиот Питагора, на детето чудо? Македонска гордост што ни ги топлеше срцата со неговите подвизи. Дамјан, уште од најниските одделенија се натпреваруваше со ученици неколку генерации поголеми од него и убедливо со максимален број на поени секогаш беше прв на натпреварите по математика. Иако е осмо одделение, тој се натпреварува со средношколци и таму е убедливо прв со максимален број на поени.

 

Наместо ваквите чуда од деца, носители на медали од математички олимпијади да ги мотивираме како би останале во државава, се случува невиден циркус. Имено во решението, на Дамјан не му следува парична награда од причина што е основец, а е државен првак по математика во конкуренција на средните школи“, стои во објавата на Фејсбук групата.

Еве што е наведено во документот кој бил добиен од Министерството.

„Барањето за доделување на парична награда за освоено прво место на државен натпревар по математика, прва година, од ученикот Дамјан Давков и наставникот Кокан Радев од ООУ „Ванчо Прќе“ Штип, се одбива.

 

 

 

Комисијата за доделување на парична награда за освоено прво место на државен натпревар на ученикот и на наставникот кој го подготвувал ученикот за натпреварот, постапувајќи по горенаведеното барање, а согласно член 24 од Законот за средно образование, Правилникот за начинот и поблиските критериуми на организирање и изведување на натпреварите на учениците по одделни предмети на општионско, регионално и државнио ниво во средното образование, и Извештајот од Сојуз на математичари на Македонија, изврши увид во доставената документација и со Извештај од Комисијата утврди дека ученикот и наставникот не ги исполнуваат условите за доделување на парична награда, бидејќи ученикот е редовен ученик во основно образование, односно наставникот е наставник во основно образование, а натпреварите се за ученици и наставници во средно образование“, се вели во решението од Министерството за образование и наука.