Преку откуп на учебници за кои Министерството за образование и наука не ги поседува авторските права и преку печатење на оние кои се во сопственост на МОН, досега во 2023 година обезбеден е тираж од 1.374.324 учебници. Над 98 проценти од нив, се веќе дистрибуирани, соопшти денеска МОН.
Под координација на МОН, се наведува во соопштението, обезбедувањето на учебници за учениците од основните и средните училишта како процес под надлежност на повеќе институции и тела, годинава е значително унапреден.
– За споредба пред 5 години, односно во 2018 година беа набавени 823.604 учебници. Во 2019 се набави тираж од 655.934 учебници, во 2020 вкупно 732.634 учебници. Во учебната 2021/2022 година се набавија вкупно 748.421 учебници. Податоците покажуваат дека учебникот како едно од основните полагала за совладување на наставната материја по сите предмети е значително подостапен, за разлика од минатите години, појаснуваат од МОН.
Информираат дека учебниците од прво до петто одделение, за кои МОН ги поседува авторските права годинава се целосно набавени и испорачани до училиштата, исто како и учебниците од седмо до деветто одделение, кои пак, се во сопственост на издавачки куќи. За шесто одделение, одобрени се учебниците по природни науки, македонски и албански јазик, чија дистрибуција ќе заврши во текот на следната недела. Одобрен е и учебникот по математика и по завршување сите постапки, ќе може да се печати и испорача.
– Важно е да се истакне дека по 15 – тина години, за прв пат се обезбедени нови учебници по 150 предмети во средното стручно образование, но и во гимназиското. И тие исто така, етапно се печатат и испорачуваат до училиштата, согласно искажаните потреби преку електронска апликација на министерството, пред почетокот на учебната година, се посочува во соопштението.
Учебникот, стои во соопштението, е едно од наставните средства што се користи за постигнување на целите на воспитно-образовниот процес и треба да овозможи постигнување на националните стандарди на знаење, учење со разбирање и подигнување на креативноста, иновативноста и критичкото размислување кај учениците.
– Изработката на квалитетен учебник е комплексен процес што зависи од повеќе фактори, независни од системско влијание. Но, МОН ќе продолжи и во иднина навремено да ги спроведува своите надлежности, согласно правната регулатива и да се заложува за обезбедување на квалитетни учебници за сите ученици, соопштија од МОН.