Согласно информациите од „Шпаркасе Банка“, партнер на Министерството за образование и наука во реализација на мерката субвенциониран студентски оброк, досега околу 60 проценти од студентите кои ги исполниле условите, ја подигнале наменската платежна картичка преку која можат да се користат средствата за оваа намена.
Министерството за образование и наука упатува апел до сите останати студенти кои сè уште не постапиле согласно дадените насоки, да го сторат тоа поскоро.
Потребно е задолжително да се регистрираат на активната онлајн платформа на „Шпаркасе Банка“ и да ги ажурираат своите податоци на https://netbanking.mk/studentPortal.
Од МОН во денешното соопштение појаснуваат дека средствата во износ од 140 денари дневно ќе можат да ги користат од понеделник до сабота, за купување храна во маркети, пекарници, ресторани и други правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна.
Министерството за образование и наука потсетува дека аплицирањето за ова право за кандидатите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2023/2024 година и кои не го запишале летниот семестар, трае од 27 септември до 2 октомври годинава.