Нов случај на врсничко насилство се случи во основно училиште во Крапинско-загорската жупанија, кога неколку момчиња брутално претепале 12-годишен врсник во училишниот тоалет, а нападот бил снимен. Поради повредите момчето завршило во загрепска болница, а полицијата интервенирала во училиштето, јавува Дневник.хр.

Од болницата потврдиле дека момчето било примено на лекување, но не соопштуваат детали. Неговата мајка изјавила дека тој претрпел удар во слезината и потрес на мозокоt. По два дена во болница бил пуштен на домашна нега.

Мајката тврди дека нејзиниот син повеќе од една година трпел насилство и дека стручните служби во училиштето знаеле за проблемите, но не реагирале. „Има се, од ситни провоцирања, удирање, до поголеми тепачки, на кои училиштето лошо реагираше или воопшто не реагираше и често го обвинуваше 12-годишното дете затоа што, како што велат, самиот го испровоцирал“, вели мајката.

Таа додава дека во училиштето и објасниле дека насилниците имаат различни дијагнози, а кога момчето претходно било погодено во ногата, родителите на напаѓачите ја нападнале неа, бидејќи таа ги пријавила.

„Кога го добив видеото од тепањето, ужас е да се види“ изјавила мајката, која истакнала дека училишните служби целосно не реагирале, а ниту класната раководителка не сакала да одговори на нејзиниот повик.

Директорот на училиштето потврдил дека полицијата била во училиштето. „Тоа не е спектакл, тоа е нормален конфликт меѓу момчиња, се караат малку и знаете како е, родителите веднаш викаат полиција“, изјавил директорот за Нова ТВ. Тој тврди дека училиштето го почитува протоколот и дека сите се известени.

Од полицијата велат дека поради чувствителноста на случајот ќе се изјаснат писмено.

Мајката како што пренесуваат медиумите, најмила адвокат за да се обиде да го спречи насилството врз нејзиното дете.