Законите не важат во Охридскиот регион. Прекршувајќи го и Законот за постапување по претставки и предлози, по претставката со која 25 граѓански организации побараа од премиерот, владата и градоначалникот на Охрид итно спроведување на законите и отстранување на хотелот во Горица – не постапи ниту еден од одговорните, реагираат од Еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42.

„На ридот во Горица, на местото на некогашната борова шума макотрпно посадена од локалното население во шеесеттите години на минатиот век, забрзано се гради хотелскиот комплекс на Дивелоп Груп – со незаконско одобрение за градба, издадено без оцена на влијанието врз животната средина, дури и без одобрен елаборат; и покрај фактот дека во Планот за управување со светското наследство е посочен како закана; со целосно игнорирање на одлуката на Комитетот за светско наследство, со која уште пред да почне градбата УНЕСКО побара стопирање на активностите и одлуката на Бернската конвенција, со особена загриженост за овој проект; врз основа на урбанистички план кој општината беше должна да го измени“, велат од Здружението.

Од таму велат дека се прекршени Законот за градење, Законот за општа управна постапка, Законот за животна средина, Законот за управување со светското наследство, Законот за инспекциски надзор, Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори, Бернската и Конвенцијата на УНЕСКО, а со тоа и на Уставот.

„Долгата листа деновиве се прошири и со прекршување на Законот за постапување по претставки и предлози, од страна на Кабинетот на премиерот, Владата и градоначалникот на Општина Охрид. Имено, ниту една од овие институции не постапи во законскиот рок по претставката со која 25 организации алармираа за беззаконието поврзано со овој хотел и побараа негово отстранување. Од Кабинетот на премиерот информираа дека претставката е проследена до Општина Охрид и МЖСПП, а од Генералниот секретаријат на Владата (во која влегува и МЖСПП) ја проследија до Општина Охрид. И премиерот и Владата целосно ги игнорираа сопствените законски обврски наведени во претставката. Од Општина Охрид, како и многу пати до сега – организациите добија молк“, велат од Фронт 21/42.

Од таму наведуваат дека не изреагирале ниту пратениците, ниту вицепремиерот за добро владеење и транспарентност, кои добиле копија од претставката.

Од Здружението велат дека случајот уште во март бил поднесен и до Државната комисија за спречување на корупцијата и дека и од таму нема никаква одлука.

Текстот Молк од државата за барањата за отстранување на новиот хотел на Горица, реагира Фронт 21/42 е превземен од МАКФАКС.