Во Молдавија денеска се одржуваат предвремени парламентарни избори на кои прозападната претседателка Маја Санду се надева дека ќе освои мнозинство со цел спроведување на реформите блокирани од сојузниците на нејзиниот проруски претходник Игор Додон.
Западот и Русија се натпреваруваат за влијание во оваа мала земја, поранешна советска република, која има 3,5 милиони жители и е една од најсиромашните во Европа, коментираат светските агенции.
Санду, поранешна економистка во Светската банка, кој се залага за поблиски врски со ЕУ, го победи Додон минатата година, но беше принудена да ја дели власта со парламентот избран во 2019 година и владата предводена од пратеници блиски до Додон.
Во април, по два неуспешни обиди за формирање нова влада, Санду го распушти парламентот во кој нејзината партија ПАС имаше 15 од 101 пратеник.
Социјалистите на Додон имаа 37 пратеници во тој парламент и заедно со нивните коалициски партнери контролираа мнозинство од 54 пратеници.
– Оваа недела треба да го завршиме започнатото и да го направиме вториот чекор. Ова е можност за секој од нас да избере чесно и одговорно раководство, рече Санду пред изборите.