И покрај слабиот успех на украинскиот фронт, територијалните претензии на Русија нема да запрат со Украина, пишуваат дел од светските медиуми. Ова следува откако Кремљ вчера реши да го повлече указот за територијалниот интегритет на Молдавија, во чии рамки е регионот Транснистрија. Овој регион беше во воен конфликт со молдавските власти на почетокот на ‘90-тите и бараше независност, а е населен со руско население. Тогаш во регионот, кој инаку се граничи со Украина, пристигнаа и руски трупи во мировна мисија, но тие сè уште не се повлечени.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно истакна дека најверојатно првата цел на Москва во Молдавија би бил аеродромот во главниот град Кишињев. Прозападната претседателка на земјата Маја Санду неодамна изјави дека ризик од дестабилизација постои.

„Планот за следниот период опфаќа акции во кои ќе учествуваат диверзанти што имаат воена обука, камуфлирани во цивили кои се очекува да преземат насилни акции – да извршат напади над државни згради, па дури и да земаат заложници преку насилни акции, тие ќе бидат маскирани како демостранти за да изнудат промена на власта“, рече Маја Санду – претседателка на Молдавија.

Само неколку дена по изјавата на Санду, во Кишињев протестите започнаа, но барем засега не се насилни.

Покрај Молдавија, светските медиуми објавуваат и дека новинари имале увид во документ на Кремљ, кој се однесувал на присвојување на Белорусија до 2030 година. Според споменатиот документ, Русија треба да го зголеми своето воено присуство во земјата, да има повеќе руски медиуми и да постигне превласт на рускиот јазик над белорускиот.

Лука Андреев