Молдавија е подготвена да ги започне преговорите за членство во Европската унија во септември, изјави вицепремиерката и министерка за европска интеграција Кристина Герасимов за националната телевизија „Молдова 1 ТВ“, пренесува новинската агенција МОЛДПРЕС.

Според Герасимов, земјата го завршила процесот на скрининг – споредба меѓу националното и европското законодавство – што е клучно техничко барање за отпочнување на преговорите.

„На самиот крај сме од скрининг процесот. Европскиот совет веќе утврди дека Молдавија е подготвена да започне преговори со првиот кластер – основни вредности“, изјави Герасимов, прецизирајќи дека иницијалните преговори ќе се фокусираат на владеењето на правото, функционирањето на судството и почитувањето на основните човекови права.

Кишињев усвоил три конкретни патокази за спроведување реформи во јавната администрација, судскиот систем и работата на демократските институции, во поддршка на овој процес.

„Сè што беше потребно од технички аспект е постигнато. Брисел го поздрави напредокот и нашата силна определба за реформи“, додаде Герасимов. Таа потенцира дека Молдавија ужива едногласна поддршка од сите 27 земји-членки на ЕУ. За време на нејзината неодамнешна посета на Литванија, Латвија и Финска, добила гаранции за помош во клучни области – борбата против дезинформациите, обуката на јавната администрација и инвестициите во зелена енергија.

Во контекст на зголемената хибридна војна што Русија ја води во регионот, Герасимов ја истакна заканата од дезинформации и ги повика граѓаните да се информираат само преку официјални канали.

„Ова не е првпат нашата земја да биде цел на напади со цел ширење страв и предизвикување нестабилност. Но, ние веруваме во граѓаните – тие умеат да ја препознаат вистината од манипулацијата“, заклучи вицепремиерката.