Модните куќи „Александар Меквин“ и „Баленсијага“ се приклучија на листата на модни куќи кои одлучија да престанат да користат крзно. Двете компании се дел од групацијата „Керинг“ и неодамна ги објавија своите одлуки на дискретен начин, во годишните извештаи.
Дизајнерот на „Беленсијага“, Демна Гвасалиа во своите колекции не користи крзно уште од 2015 година, но ова е првпат компанијата да објави официјално, јавно соопштение за ова.
Од групацијата „Керинг“ изјавија дека повеќето од нивните брендови не користат крзно, вклучувајќи ги „Гучи“ и „Ботега Венета“. „Ив Сен Лорен“ и „Бриони“ се единствените брендови на „Керинг“ кои сè уште користат крзно за своите колекции.
Овој потег претставува препознавање на променливиот вкус на клиентите и усвојување на повеќе општествено одговорни практики.
Други модни брендови како „Прада“, „Версаче“, „Армани“, „Бурбери“ и „Шанел“ исто така се определија за алтернатива во кој нема да се применуваат материјали од животинско потекло,
а тоа не се однесува само за крзното, туку и за егзотична кожа.
Според извештајот на платформата „Edited“ за 2019 година, само тој период, побарувачката за вегански алтернативи се зголемила за 258% во САД и Велика Британија.
Иако одлуката да не се користи крзно е добар напредок кога станува збор за правата на животните, вештачкото крзно, од друга страна пак, може да претставува закана и за животната средина затоа што често се прави од пластични ткаенини на база на нафта за што се потребни стотици илјади години за да се распадне. Затоа многу брендови во последниве години инвестираат во иновативни биоразградливи опции.