Трикратно е зголемен бројот на заплени од мобилните царински тимови, при Одделението за оперативни работи на Секторот за контрола и истраги, во првите седум месеци од годинава. Вкупно од први јануари заклучно со 31 јули, спроведени се над пет илјади контроли, при што откриени се 199 прекршочни и кривични дела, извести Царинската управа.

Во овој период мобилните царински тимови запленија околу 100 илјади евра девизи, 455 штеки цигари, a откриени се и 27 случаи на повреда на право од интелектуална сопственост, при што запленети се над 26 илјади парчиња стока со потпис на заштитени трговски марки. Во борбата со сериозен криминал, меѓу најзначајните случаи е заплената на 188,6 килограми марихуана – заедничка акција со царинските службеници на граничен премин Богородица. Воедно, на влез во државата мобилните царински тимови спречиja обиди за криумчарење на 21 илегален мигрант.

Само во текот на изминатите денови, при контроли на стока пријавена за увозно царинење во царинска испостава Скопје 4 запленети се над 600 парчиња облека која не била пријавена со царинските документи. Воедно, при контроли на граничен премин Богородица, запленети се 27 штеки цигари без акцизни маркички, скриени во резервна гума на автомобил. Претходно, мобилен царински тим спречи обид за криумчарење 14 семки од канабис и 0,5 грама масло од канабис, како и обид за криумчарење на златен накит вреден 1,3 милиони денари, се наведува во соопштението на Царинската управа.

Од таму истакнуваат дека мобилните тимови остануваат еден од клучните механизми за заштита на финансиските интереси и безбедноста на државата.

Текстот Мобилните царински тимови со 199 случаи на заплени во 2025 – Трикратно зголемен број на откриени прекршочни и кривични дела е превземен од МАКФАКС.