Мексиканскиот боксер Саул „Канело“ Алварез ги обедини титулите светски шампион во супер-средна категорија во ВБА и ВБЦ верзиите откако оствари убедлив триумф на бодови над Британецот Калум Смит.
На мечот кој се одржа во Сан Антонио пред 12.000 гледачи на Смит не му помогнаа ниту 16. сантиметри предност во висина во однос на Канело Алварез кој со оваа победа покажа зашто експертите го сметаат за најдобар боксер на денешницата.
Мексиканецот на убедлив начин му го нанесе првиот пораз на Смит за кого беше изненадување што ги издржа сите 12 рунди. Имено, Канело Алварез кој е светски шампион во четири тежински категории му зададе дури 209 директни удари на противникот кој возврати само со 97 удари.
Смит немаше одговор за брзото движење и удари на Канело Алварез кој на крајот триумфираше со едногласна судиска одлука (119:109,119:109,117:111).
Ова беше 54. победа во кариерата на Мексиканецот кој притоа има и два нерешени меча и еден пораз, додека Смит го доживеа првиот пораз во 28. меч.