Mинистерството за одбрана (МО) му дало отказ на државниот советник Петар Богојески, по покрената дисциплинска постапка против него, поради споделен линк од портал на фан-страница, а во врска со руско влијание во македонско-бугарскиот спор и во редовите на МПЦ-ОА.
„Информиран сум за изречена мерка – отказ, по дисциплински престап. Во текот на вчерашниот ден имало обид за достава на таа одлука на неовластена адреса, а секако и до мене, но поради отсуство од работа, не е доставена. Ова е школски пример за прогон од власта кон неистомисленици, особено обид да се замолчи опозицијата со недозволени, недемократски средства“, вели Богојески.
Тврди дека против него се воделе повеќе нарачани дисциплински постапки, со цел да биде замолчен како опозициски активист, лидер на „Македонски концепт“.
Отказот бил последниот чин, откако претходно со друга постапка бил распореден на пониска работна позиција. Имено, во февруари годинава, му била изречена дисциплинска мерка – распоредување на работно место во непосредно пониско ниво, заради однесување спротивно на одредбите на Кодексот од Законот за административни службеници. Причината, исто така, била личен политички коментар на Богојески на Фејсбук, во однос на Израел и Палестина, а постапката била покрената по пријава од надворешен субјект.
Претставката повлечена, постапката не!
Додека таа постапка е во фаза на жалба пред второстепен орган, Богојески сега се соочува со последната мерка – отказ, поради случај кога споделил линк од текст кој говори за руско влијание во редовите на МПЦ-ОА. Тој искоментирал „дека рускиот обид за спречување на устоличувањето на МПЦ-ОА во православната екумена, нема да успее“, посочувајќи притоа претставник на ПОА како „изрод“.
„Иронијата да биде уште поголема, јас сум обвинет за споделени вести за руско влијание во македонско-бугарските односи и во Македонија, нешто што го потврдија и бугарскиот и македонскиот премиер, но и низа министри и релевантни фактори“, вели Богојески.
Но, ситуацијата станува и апсурдна, со оглед дека лицето кое до МО ја доставило иницијативата за одговорност на Богојески потоа побарало нејзино повлекување и прекин на постапката. Но, и покрај тоа, МО ја продолжило постапката. Според Богојески, во случајот се спорни неколку моменти. Прво, на лицето кое ја поднело претставката (а потоа и повлекло), на ниту еден начин не му биле повредени никакви права од службените овластувања на Богојески, а МО на никаков начин не било инволвирано во случајот. Второ, неговите лични политички коментари немале никаква позврзаност со неговиот професионален ангажман во МО или со самото МО. Трето, не станувало збор за повреда или неизвршување на работните задачи од работното место, туку за ставови на личен, политички активизам надвор од работното време и работното место. Во случајов, тоа немало никакви допирни точки ни со неговата работа во МО, особено што станува збор за цивилно, а не за воено лице во одбраната, со што не се применуваат одредби за забрана на политички активизам за припадници на АРМ и МО.
Во таков случај, вели Богојески, државниот секретар или стручните служби во МО, биле должни да донесат Решение за прекин на постапката и да го упатат пријавителот на постапка пред надлежен Суд, околу прашањето дали е сторена некаква навреда или клевета од страна на политичарот Богојески, а не од страна на Богојески како вработен во МО.
Беспредметна постапка
Но, целата постапка во МО изгледа беспредметна, затоа што претставката за овој случај веќе била повлечена од пријавувачот, а со тоа практично и немало основ таа да се спроведе.
„Донесена е неверојатна одлука за предмет кој не постои, за претставки кои се повлечени, за одговорност за навреда и клевета за која исклучиво одлучува надлежен Суд, а не партиско-политички комисии во институциите, како за време на комунизмот во работните организации. Дури мислам дека и во тоа време не било вака лошо и исполитизирано, со спроведување на личен реваншизам на функционери од власта врз неистомисленици. Јас како носител на критиката кон поведението на груевизмот, морам да потврдам дека заевизмот го надмина и надгради. Воведен е вербален деликт, затоа има прогон против мене, за мои убедувања и мои политички ставови, нешто што мислевме дека е минато пред 30 години. Никогаш нема да се откажам од борбата за слобода на убедувања и слобода на говор“, вели Богојески.
По крајот на работното време, вчера од МО не можеа да ни потврдат дали е донесено решение за отказ на Богојески и со каква аргументација, а одговор на прашањата најавија за денеска.
Согласно член 40 став 1 и 2 од Законот за вработените во јавниот сектор, вработените во јавниот сектор се лично одговорни само за вршењето на работите и на работните задачи од работното место. Одговорноста на тие вработени може да биде дисциплинска и/или материјална. Во случајот со Богојески, не постои повреда при вршење на работите и на работните задачи од работното место, а Комисијата за водење на дисциплинска постапка не е надлежна да води постапка и да изрекува дисциплински мерки за прашање дали е сторена навреда или клевета. За тоа одлучува единствено Судот во парнична постапка, согласно закон и по поднесена тужба за утврдување на граѓанска одговорност за навреда и клевета.
Во спротивно, извршната власт може да си присвои надлежности кои не ѝ припаѓаат, и да воспостави опасен преседан кој ќе отвори пат за практика на комисиски „судења“ на неистомисленици.
Премено од Дојче Веле