Министерството за надворешни работи веќе го разгледува патоказот за исполнување на обврските од Договорот со Бугарија. Премиерот Заев вели дека се прават напори за унапредување на секторската соработка како одговор за државата да се подготви за следната меѓувладина конференција и дека гаранциите се однесуваат на поефикасно спроведување на билатералниот договор.
„За гаранциите кога зборува Бугарија зборуваме и ние, за добробит за двата народи и двете земји, а тоа е уште поефикасна реализација на Договорот, што значи побрза изградба на железницата помеѓу Куманово и бугарската граница, од друга страна од Бугарија кон граничниот премин Клепало кај Берово. Мене ми е важно да се охрабрат заради тоа што уставно имаат можност и за време на техничка влада да донесат одлука“, истакна Заев.
Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тврди дека се водат тајни преговори.
„Бучковски во Софија, а Заев од Скопје, деновиве координираат тајни преговори каде се нуди Декларација усвоена од бугарскиот парламент да стане дел од преговарачката рамка со Европската унија. Дел од документот на бугарското Собрание се оспорување на генезата и посебноста на македонскиот јазик, ревизија на историјата и периодот на нашата антифашистичка борба, како и присвојување на важни личности од македонската историја како бугарски“, посочи Мицкоски.
Поранешниот амбасадор на Македонија во Софија Марјан Ѓорчев вели дека Бугарија нема да се откаже од своите барања. Според него Европската унија треба да ги постави границите за бугарските барања.
„Околу Договорот непринципиелно постапи македонската држава, не се консултираше со амбасадата, значи не се консултираше со амбасадорот околу поимот заедничка историја и нерамноправноста на третирањето на малцинствата. Значи ние прифаќаме дека има македонски граѓани кои што се определуваат како Бугари што е нормално, мислам според Европската конвенција, но Бугарија не прифаќа дека има бугарски граѓани кои се определуваат како Македонци по род. И тука е проблемот, терминот заедничка историја и нерамноправноста, ние седиме на пониско столче од Бугарите кога се работи за малцинствата и тука се двата проблеми“, истакна Ѓорчев.
Бугарија во моментов има техничка влада која треба да ги спроведе изборите во јули, а Советот за општи работи на Европската унија, на која ќе биде познато дали Македонија ќе ги почне преговорите или повторно ќе добие блокада од источниот сосед ќе се одржи на 22 овој месец.