Македонското МНР се огласи со соопштение по повод изјавите на бугарскиот пратеник Костадин Костадинов дека Бугарите и Македонците се ист народ и дека Македонија е Бугарија. Ваквите изјави тој ги кажуваше во минатото, но и ги повтори денеска по свечената цереномија на отворањето на Културниот информативен центар на Бугарија во Скопје.

-Нема разлика меѓу Македонци и Бугари. Нема разлика. Секој еден Бугарин во Бугарија ја сака Македонија. Ние немаме ништо против Македонија, напротив, разберете, тоа е нашата цел и тоа е нашето гледање.  Не не терајте ние да ја искривуваме вистината и да лажеме. Нема да лажеме. Јас ќе ви кажам уште еднаш – да, Бугарија и Македонија се две држави кои што треба да бидат една. Две држави се со еден народ, кој треба да биде од Црно Море до Охридското Езеро, изјави Костадинов.

Во реакцијата на МНР се вели:

-Министерството за надворешни работи, исто како што и претходно реагираше, и овој пат ги осудува иредентистичките изјави кои содржат и територијални претензии кон Република Северна Македонија изкажани јавно и повеќе пати од страна на бугарскиот пратеник и лидер на политичка партија, Преродба, Костадин Костадинов.

Фактот што овие изјави се повторуваат, овојпат и во Скопје и тоа на значаен и за двете страни симболичен повод, отворање на нови канцеларии на Културно-информативниот центар како и во пресрет на Бизнис форумот меѓу Северна Македонија и Бугарија, не можеме, а да не ги толкуваме како обиди за минирање на силните напори на двете Влади за унапредување на соработката и како организирана провокација, која треба да биде осудена од сите проевропски политички структури и институции во двете држави.

Во исто време, сакаме да упатиме апел до граѓаните на двете земји да не им подлегнуваат на ваквите провокации кои имаат една единствена цел, а тоа е да ги спречат двете држави во спроведувањето на искрените намери, реафирмирани од двете страни, за продлабочување на односите меѓу нашите држави и народи во духот на европските вредности, велат од македонското МНР.