Министерството за надворешни работи (МНР) во врска со последните изјави на претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика за именувањата и упатувањата на дипломати на највисоките позиции во амбасадите и конзулатите на земјава укажува дека во изминатава година на мандат се упатени 20 предводници на странските преставништва, од кои 16 се професионални дипломати од Министерството, што претставува 80 отсто од упатените.
-Професионализацијата на дипломатијата останува еден од врвните приоритети на Министерството за надворешни работи и во периодот што претстои, за што се покренати повеќе иницијативи за кои јавноста е веќе запознаена, меѓу кои и нов предлог закон за МНР со кој процентот на обврска за упатување дипломати од кариера ќе се зголеми од сегашните најмалку 33 на 75 проценти, соопштија од МНР.
Меѓу другите иницијативи, како што се наведува во соопштението, во Министерството е формирана работна група, која ќе ги проверува сите именувања и упатувања на амбасадори и генерални конзули од 2006 година до денес и ќе подготви компаративна анализа.
Целта на анализата, како што посочија од Министерството, е да се проверат сите детали и околности под кои се упатувани, како и квалитетот на кандидатите кои како први лица во ДКП-ата ја претставуваат земјата во странство. По завршувањето на анализата, таа ќе се презентира пред јавноста