Министерството за надворешни работи најостро го осудува злосторството извршено ноќта меѓу 20 и 21 ноември 2022 година врз Културниот клуб „Борис III“ во Охрид.

Ова е втор напад врз оваа организација за помалку од два месеци и уште едно злосторство од омраза врз Бугарите во Северна Македонија. Ваквите акции опипливо и намерно ги попречуваат напорите за зајакнување на пријателството, добрососедството и соработката во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, стои во реакцијата на бугарското Министерство за надворешни работи, пренесува Трибуна.

Тоа што се случува треба да се разгледува во контекст на обидот за палење на клубот „Иван Михајлов“ во Битола и хероизацијата на сторителот на делото; повиците за откажување од Договорот за добрососедство со Бугарија; на ескалирачкиот говор на омраза во медиумскиот простор и социјалните мрежи во Северна Македонија; агресивната јавна кампања против бугарските културни клубови; на законските измени кои ја загрозуваат слободата на здружување на Бугарите во соседната земја.

Имињата на бугарските клубови не се причина за оваа кампања. Укажувачки е тоа што лидерот на најголемата опозициска партија веќе отворено повикува на итно затворање на сите бугарски клубови, без разлика како се нарекуваат. Очигледно е дека во Северна Македонија се уште постои проблем со слободното изразување на бугарскиот идентитет.

Убедени сме дека Министерството за надворешни работи на Северна Македонија ќе има навремена и соодветна реакција во однос на настанот. Меѓу нашите две надворешнополитички институции има конструктивен дијалог .

Но, очекуваме дека овој дијалог ќе ги вклучи и другите институции во соседната земја со конкретни активности. Неопходно е навремено да преземат мерки за откривање и изведување пред лицето на правдата на сторителите на делото врз Културниот клуб „Борис III“. Систематското отсуство на вистинска реакција создава чувство на неказнивост и на тој начин поттикнува зголемување на бројот на овие пројави.

Во Заедничкиот протокол меѓу Бугарија и Северна Македонија од 17 јули 2022 година, Скопје изрчно се обврза да ги гарантира правата на Бугарите, вкл. со цел „да се обезбеди ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и зачувување на културата и идентитетот на бугарската заедница“.

Реакцијата на властите на овој и други случаи на злосторства од омраза ќе биде показател за сериозноста што владата во Скопје ја придава на градењето добрососедски односи и на процесот на пристапување во ЕУ, стои во реакцијата на МНР на Бугарија.