Министерството за надворешни работи на Украина најостро го осуди
гранатирањето и заземањето од страна на окупаторските вооружени сили на Руската Федерација на подрачјето на АЕЦ Запорожје во градот Енергодар.
Како резултат на гранатирањето на територијата на нуклеарната централа избувнал пожар при што загинале и повредени се лица. Пожарот сега е изгаснат.
Подрачјето на АЕЦ Запорожје моментално е под контрола на руските вооружени единици.
-Персоналот на станицата ја следи состојбата на енергетските единици и ја обезбедува нивната работа во согласност со барањата на технолошките прописи за безбедно работење. Нивото на радиоактивното зрачење моментално е во рамките на нормалата.
Ладењето на нуклеарното гориво во енергетските единици на АЕЦ Запорожје е обезбедено со проектни системи на енергетски единици во согласност со барањата на технолошките прописи за безбедно работење. Истовремено, губењето на способноста за ладење на нуклеарното гориво може да предизвика радиоактивно оштетување на значителни територии и да има непоправливи последици за животната средина во Европа.
Покрај шесте енергетски единици на подрачјето на АЕЦ Запорожје, има и складиште за искористено нуклеарно гориво, чие оштетување може да доведе и до ослободување на радиоактивност.
Како резултат на тоа, таквата катастрофа може да ги надмине сите претходни несреќи во нуклеарните централи, вклучително и несреќата во АЕЦ Чернобил и АЕЦ Фукушима – Даичи.
Со својот вооружен напад врз нуклеарен објект, Русија ги прекрши сите меѓународни договори во рамките на МААЕ, пред се Повелбата на МААЕ, Заедничката конвенција за безбедност на управувањето со искористено гориво и за безбедноста на управувањето со радиоактивен отпад, Конвенцијата за предупредување за нуклеарни несреќи и Конвенцијата за заштитана нуклеарниот материјал. Гранатирањето на АЕЦ Запорожје е исто така грубо кршење на Договорот за неширење на нуклеарно оружје и на Меѓународната конвенција за сузбивање на акти на нуклеарен тероризам.
Изразуваме разочараност за реакцијата на МААЕ, која во своето соопштение не се осмели да спомене кој пукал во станицата. Бараме јасна и одлучна акција од МААЕ.
Министерството за надворешни работи на Украина ја повикува меѓународната заедница најостро да ги осуди дејствијата на руските окупатори, кои можат да доведат до нуклеарна катастрофа без преседан.
Ги повикуваме нашите партнери да преземат итни чекори за да ја принудат Русија да ги повлече своите вооружени сили од нуклеарната централа и да се создаде безбедносна зона.
Министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба веќе им наложи на украинските дипломатски мисии да започнат итни контакти со партнерите, вклучително и со МААЕ, со цел да се подготви меѓународен одговор на руската агресија врз нуклеарните постројки, велат од украинското МНР.