Министерството за надворешни работи на Република Бугарија реагираше на зборовите на вицепремиерот и министер за транспорт на Република Северна Македонија, Александар Николоски, кој Бугарите ги нарече „мизерни“.

„Во врска со последователните навредливи квалификации кон Бугарија и бугарскиот народ од страна на официјални лица од Република Северна Македонија, ние категорично одбиваме да се вклучиме во таков неевропски и несоодветен тон на доброто воспитување. Нашите партнери се известени за неиспровоцираните провокации , кои имаат за цел, меѓу другото, да го уништат дијалогот“, наведуваат од МНР на Р. Бугарија, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.

Министерството за надворешни работи на Република Бугарија уште еднаш потсетува на клучното значење на развојот на добрососедските односи за европската иднина на Република Северна Македонија.