На 11 јануари годинава, непознато лице изврши напад врз бугарската амбасада во Скопје. Министерството за надворешни работи на Република Бугарија остро го осудува овој акт против зградата на бугарското дипломатско претставништво во Скопје – симбол на државноста и официјалното присуство на Република Бугарија во Република Северна Македонија, стои во официјалната реакција на Министерството за надворешни работи на Бугарија по денешниот напад врз зградата на бугарската амбасада во Скопје, јавува Трибуна.

Ова претставува недозволиво посегнување врз статусот на дипломатската мисија и грубо кршење на Виенската конвенција за дипломатските односи.

Министерството за надворешни работи изразува длабока загриженост дека ваквото дрско дело е резултат на систематскиот недостиг на реакција од надлежните институции на Република Северна Македонија при претходни напади и вандалски дејствија врз објекти поврзани со Бугарија и бугарската заедница.

Оваа институционална пасивност, во комбинација со толерираниот, па дури и поттикнуван говор на омраза против Бугарија и Бугарите во нашата соседна држава, создаде средина во која ваквите кривични дела се охрабруваат и ескалираат.

Бараме надлежните власти во Република Северна Македонија веднаш да ги преземат сите неопходни дејствија за утврдување на сторителот и негово целосно кривично гонење, како и за гарантирање на безбедноста на бугарските дипломатски и конзуларни претставништва, нивниот персонал и нивниот имот.

Република Бугарија очекува од институциите во Република Северна Македонија јасно и недвосмислено да се дистанцираат од манифестациите на омраза, ефикасно да се спротивставуваат на ваквите кривични дела, целенасочено да работат на создавање суштински поинаков општествен наратив за односите со Бугарија и безусловно да ги исполнуваат своите меѓународни обврски.

Министерството за надворешни работи ќе продолжи внимателно да го следи развојот на случајот и го задржува правото да преземе дополнителни дејствија во заштита на бугарските интереси, стои во реакцијата на бугарското Министерство за надворешни работи на Бугарија.