Вонреднaта и ополномоштена амбасадорка на Република Северна Македонија во Софија беше повикана на состанок во Министерството за надворешни работи во врска со неодамнешните јавни коментари на политичари од соседната земја и невистинитите изјави од нивна страна за Република Бугарија, јавува бугарското Министерство за надворешни работи, пренесува Трибуна.
Министерството за надворешни работи категорично се спротивставува на обидот Бугарија и нашите билатерални односи да стануваат дел на внатрешната политичка дебата во Република Северна Македонија, вклучително и во контекст на актуелната изборна кампања.
Бугарија постојано одржува конструктивен тон и се воздржува од коментирање на постојаните провокации во јавниот простор на Северна Македонија. Тоа го прави со разбирање дека е неопходно да се обезбеди конструктивна средина за нормално одвивање на изборниот процес и средина на јавен спокој за да може да се спроведат потребните реформи.
За жал, очигледно е дека овие напори на Бугарија не се разбрани и ценети од одредени фактори во Скопје, кои продолжуваат да ја користат нашата земја како изговор за недостигот на напредок пред своите граѓани.
Уште еднаш ја покануваме политичката елита во Северна Македонија да ја покаже потребната политичка зрелост, да даде конструктивен придонес во спроведувањето на политичките обврски преземени во рамките на компромисот од 2022 година и строго да го почитува Договорот за добрососедство од 2017 година. Тоа е единствената можност да се постигне вистински напредок во процесот на европска интеграција на земјата за доброто на нејзините граѓани, стои во соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи.























