Обидите на Руската Федерација да ја префрли одговорноста за започнувањето на незаконската и непровоцирана војна во Украина врз други држави, вклучително и Бугарија, се целосно неприфатливи и претставуваат груба манипулација на фактите, стои во реакцијата на бугарското Министерство за надворешни работи по изјавите на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, содржани во документарниот филм „Русија. Кремљ. Путин. 25 години“, јавува Трибуна.
„Приклучувањето на Република Бугарија кон Организацијата на Северноатлантскиот договор (НАТО) е суверена одлука, заснована на волјата на бугарските граѓани и на легитимни демократски процеси. Оваа одлука е водена од стремежот на Бугарија кон трајна безбедност, стабилност и мир во регионален контекст. Зајакнувањето на одбрамбениот потенцијал на земјите членки е насочено кон заштита на територијата на сојузниците, не претставува закана за ниту една друга држава и е во целосна согласност со меѓународното право.
Бугарија останува цврсто посветена на своите сојузнички обврски во рамките на НАТО и на принципите на Европската унија. Ќе продолжиме да го браниме нашиот суверенитет, безбедност и демократски избор, како и да работиме на зајакнување на меѓународниот правен поредок заснован на правила“, стои во соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи.