Во бугарското Министерство за надворешни работи се подготвува нов предлог за позицијата на Софија во однос на Македонија по, како што велат дипломатски извори за МКД.мк, „црната“ кампања на СДСМ со бугарското државјанство на кандидатката на локалните избори за градоначалник на Скопје. Овој нацрт веќе бил доставен до бугарската влада и до Румен Радев, бугарскиот претседател.

Со оваа кампања, сметаат во бугарското МНР, бил прекршен член 11 став 6 од Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Македонија и Бугарија.

Во членот 11 став 6 од Договорот се вели дека „двете договорни страни ќе преземаат ефикасни мерки за спречување недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат дејности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични дејствија, кои би им наштетиле на нивните односи“.

Пред два дена, по завршувањето на локалните избори во Македонија, Министерството за надворешни работи на Бугарија соопшти дека со омразата кон Бугарија и кон граѓаните на Република Северна Македонија со бугарска самосвест не се градат добрососедски односи.

Според МНР на Бугарија, за време на локалните избори во Македонија се водела агресивна политичка кампања поврзана со намерна злоупотреба на темата бугарско државјанство во изборниот процес.