Министерството за надворешни работи (МНР) на Бугарија со загриженост ги следи случувањата во Северна Македонија поврзани со правото на здружување на Бугарите во земјата и особено последните случувања околу името на здружението „Иван Михајлов“ од Битола. Ова се наведува во позицијата на бугарското МНР.

Одлуките што се подготвуваат имаат значајна врска со демократските процеси во нашата соседна земја. Како што е познато, токму со цел објективно толкување на историските настани од заедничката историја меѓу Бугарија и Северна Македонија, двете влади формираа Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, потсетува Министерството за надворешни работи.

Системските блокади на нејзината работа досега не дозволија општа оценка за улогата на историските личности од овој период. Затоа, се надеваме дека надлежните институции во Република Северна Македонија нема да користат еднострани и тенденциозни толкувања на историски настани и личности како основа за ограничување на основните права, вклучително и правото на здружување, се вели во позицијата на МНР на Бугарија.