Министерството за надворешни работи (МНР) на Бугарија ја потврдува својата категорична позиција дека политичарите и јавните личности од Бугарија и Северна Македонија имаат одговорна улога во градењето доверба и развивање на добрососедски односи меѓу двете земји, како и во намалувањето на тензиите во јавниот простор. Ова се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на МНР, пренесува Трибуна.

Од Министерството нагласуваат дека јавните изјави со кои се навредува или провоцира другата страна се апсолутно неприфатливи и контрапродуктивни. Тие не го претставуваат официјалниот став на бугарската држава и не можат да се толкуваат како такви.

Имајќи ја предвид заедничката историја што ги поврзува двете земји, одбележувањето на заедничките историски настани и личности, како што е годишнината од смртта на Мара Бунева, треба да доведат до зајакнување на довербата и добрососедството, се вели во соопштението на МНР.

Во исто време, не помалку опасни за билатералните односи се и апелите на маргиналните партии во Северна Македонија против бугарските политичари и јавни личности кои се залагаат за заштита на правата на Бугарите во Северна Македонија и проектите за зближување на луѓето меѓу двете земји. Ваквиот пристап има очигледна цел да создаде дополнителна тензија во билатералните односи во интерес на кругови кои не се заинтересирани за европската интеграција на Република Северна Македонија. Добрососедските односи со нашите пријатели во Скопје ќе се градат со дијалог, а не со забрани, посочуваат од МНР.