Министерството за надворешни работи на Република Бугарија остро ја осуди денешната осудителна пресуда изречена од Основниот суд во Битола против Љупчо Ѓоргиевски – еден од најистакнатите претставници на бугарската заедница во Северна Македонија и претседател на затворениот Културен клуб „Иван Михајлов“ – Битола. Георгиевски е и бугарски државјанин, јавува Трибуна.
Според соопштението на бугарското МНР, „апсолутно е недозволиво во земја што се претставува како функционална мултиетничка демократија, отвореното искажување припадност кон бугарскиот народ, чествувањето на бугарски национални симболи и херои, и ширењето автентична бугарска литература да се санкционира со закани за затвор“.
Бугарија смета дека овој случај е уште еден показател за системското поткопување на човековите права на Бугарите во Северна Македонија. Според нив, „пристапот на властите, во комбинација со постојаната антибугарска реторика, има за цел создавање страв и стигматизација на бугарската заедница“.
„Пресудата против Ѓоргиевски е јасен показател за недостатокот од независност, професионалност и непристрасност во судскиот систем на Северна Македонија, како што тоа веќе е нотирано од Европската Унија“, стои во реакцијата.
Министерството порача дека институционалното заплашување нема да го замолчи гласот на Македонските Бугари и нивната легитимна борба за рамноправни права како граѓани на Северна Македонија, во согласност со европските вредности.
Бугарските институции, се додава, остануваат целосно посветени на заштитата на правата на Бугарите во Северна Македонија, вклучително и преку користење на сите достапни меѓународни механизми за заштита на човековите права.
Инаку, Основниот суд во Битола денеска изрече условна казна затвор од една година со двегодишен испитен рок за Георгиевски, по обвиненија за ширење омраза, раздор или нетрпеливост по национална, расна, верска или друга дискриминаторна основа, како и за ширење расистички и ксенофобични материјали на социјалните мрежи.