Денеска бугарскиот амбасадор во Скопје беше повикан во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија по повод користењето на придавката „северномакедонски“ за премиерот на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски. Истовремено, премиерот на соседната држава упати крајно неприфатливи јавни навреди кон бугарскиот министер за надворешни работи, стои во официјалната позиција на бугарското Министерство за надворешни работи, објавена на официјалната страна на министерството.

Во врска со тоа, Министерството за надворешни работи на Република Бугарија ја дава следната изјава:

Бугарскиот амбасадор во Скопје ја изразил својата изненаденост од поводот за неговото повикување, особено во контекст на серијата непријателски пораки и дејствија од претставници на власта во Скопје во последните месеци. Бугарскиот дипломат цврсто потенцирал дека во јавниот простор официјалните власти на Република Северна Македонија систематски и намерно демонстрираат недостаток на почит кон нашата држава.

За време на средбата бугарскиот амбасадор, исто така, ја изразил сериозната загриженост на Бугарија поради низа остри, манипулативни и често навредливи изјави на високи претставници на власта во РСМ, насочени и кон нашата земја, и кон ЕУ. Особено неприфатливо е да се нарекува „непријателска држава“ држава што систематски обезбедува реална и несебична помош – вклучително и во моментот, кога бугарски пожарникари ѝ помагаат на Република Северна Македонија во Крива Паланка поради избувнатите пожари.

Министерството за надворешни работи на Република Бугарија категорично го осудува недозволивиот и навредлив јазик што г. Христијан Мицкоски го употреби кон бугарски официјален претставник – во случајов министерот за надворешни работи на Република Бугарија. Таквите изјави се неспоиви со елементарните норми на дипломатскиот и политичкиот дијалог, како и со принципите на добрососедство што Република Северна Македонија јавно тврди дека ги споделува, а во пракса грубо ги прекршува.

Повторната употреба на вулгарни квалификации кон претставници на бугарската држава не само што го поткопува и онака кревката доверба меѓу нашите две држави, туку и го доведува во прашање автентичниот ангажман на политичкото раководство во Скопје кон Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, како и кон декларираната желба за приклучување кон Европската Унија – процес што бара заемно почитување, одговорност и политичка зрелост.

Бугарија нема да толерира говор на омраза, лични напади и намерно поткопување на односите меѓу државите. Таквите изјави на официјалните власти на Република Северна Македонија создаваат клима на непријателство и не покажуваат политичка волја за враќање кон нормален, почитувачки и конструктивен разговор, стои во позицијата на МНР на Бугарија.