Во врска со последните јавни настапи на премиерот на Република Северна Македонија, Министерството за надворешни работи на Бугарија уште еднаш потсетува дека Европскиот консензус од јули 2022 година, одобрен од сите земји-членки на ЕУ и од Скопје, останува валиден патоказ за напредокот на соседната земја во нејзиниот пристапен процес. Ова се наведува во соопштението на МНР на Бугарија, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
„Збунувачки е што обврските преземени од Република Северна Македонија се доживуваат од нејзиниот премиер како „мешање во нејзините внатрешни работи“. Ваквите сугестии ги сметаме како уште еден обид да се заобиколат преземените обврски и да се оттргне вниманието на јавноста од недостатокот на реформи“, соопшти Министерството за надворешни работи на Бугарија.
„Премиерот на Република Северна Македонија уште еднаш демонстрира неразбирање на одлуките на Европскиот суд за човекови права. На овој начин, намерно или ненамерно, лансира манипулативни и лажни изјави кои може да се сметаат и за вистинско мешање во внатрешните работи на Република Бугарија“, категорично наведуваат од МНР.