Министерството за надворешни работи на Република Бугарија изразува длабоко разочарување од континираниот неконструктивен пристап на официјално Скопје и од недостатокот на отвореност во комуникацијата со јавноста. По којзнае кој пат, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија зборува за „иницијатива на поголеми и повлијателни земји членки на ЕУ“ за организирање средба меѓу министрите за надворешни работи на Бугарија и Северна Македонија. Не за првпат официјално Скопје изнесува вакви нејасни и манипулативни тврдења. Ова стои во официјалната позиција на бугарското МНР по последните изјави на министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија Тимчо Муцунски.

„Европскиот консензус од 2022 година е усвоен со целосна едногласност од сите земји членки на ЕУ, како и од самата Република Северна Македонија. Во таа смисла, повторно потсетуваме дека дијалогот е институционален меѓу земјата кандидат и ЕУ. Единствено и само од Скопје зависи спроведувањето на сите мерки предвидени во консензусот, со цел напредок во процесот на европска интеграција.

Секогаш сме биле отворени за искрен дијалог по сите останати прашања. За жал, министерот Муцунски покажува неподготвеност да се ангажира не само со зборови, туку и во практика со на водење таков отворен дијалог. Последен пример за тоа е одбиената покана за негова посета на Софија на 25 ноември 2025 година, по повод одбележувањето на делото на Св. Климент Охридски – значајна историска личност од заедничката историја на двете држави.

Во однос на сугестиите и оценките изнесени од министерот Муцунски за пристапот на Бугарија кон претставениот проект на планот за правата на заедниците, потсетуваме дека истиот беше отфрлен од бугарската заедница во Северна Македонија како неприфатлив поради отсуството на фундаментални принципи за гарантирање на заштитата на човековите права. Очекуваме легитимните барања на нашите сонародници во Северна Македонија да бидат слушнати“, стои во позицијата на МНР на Бугарија.