Почнуваме една нова фаза во економската дипломатија, вака министерот Бујар Османи го претстави проектот за испраќање советници во држави каде имаме интерес за економска соработка. Тој рече дека целта на овој проект е отворање нови пазари за нашите производи и привлекување странски инвестиции. Мандатот ќе им биде една година но доколку се покажат ќе има можност да се продолжи.
„Свесно одлучивме да биде упатувањето на една година со можност за продолжување со цел да има годишна евалуација за нивната работа. Односно да има повторно одлука на крајот на првата година дали истиот треба да продолжи или пак не треба да продолжи врз основа на резултатите што ќе ги покажат“, рече Бујар Османи.
Министерството за економија ќе испрати советници во Светската трговска организација во Женева, потоа во Брисел кој ќе биде задолжен за земјите од Бенелукс и еден во Чикаго.
„Нашиот претставник од Министерството за економија кој ќе биде упатен во Брисел освен тоа што ќе ја промовира нашата држава во делот на привлекување на инвестиции во делот на зголемување на соработката меѓу нашите компании и секако компаниите од Бенелукс, секако ќе работи и во делот на исполнување на сите работи кои како Министерство за економија ги покриваме.“, изјави Бектеши.
Министерството за земјоделство ќе прати советник во седиштето на Светската организација за храна во Рим, а побараа и еден во Каиро.
„Оваа позиција која ја пополнуваме сега покрај ФАО ги покрива и другите две важни организации на Обединетите нации со седиште во Рим, тоа е Меѓународниот фонд за развој на земјоделство и Светска програма за храна, што отвора поле за нови проекти и развојни програми“, рече Трајан Димковски, заменик министер за земјоделство.
Покрај овие, економски советник ќе биде испратен и во амбасадата во Софија. На прашањето колку ќе ја чинат земјава овие советници, беше речено дека нивните придобивки од проширувањето на економската соработка ќе бидат многу поголеми. Ова е втора група советници, откако првата група беа избрани за Варшава, Минхен, Анкара и Абу Даби.