Нова студија открива дека 59 отсто од Французите не гледаат со наклонетост кон пристапувањето на Западен Балкан во ЕУ. Пред сè, испитувањето открива растечка недоверба кон блокот како целина, јави дописникот на МИА.
Преговорите за пристапување во ЕУ со Албанија и Северна Македонија немаат започнато, со Црна Гора и Србија се во тек, додека Босна и Херцеговина и Косово се сметаат за потенцијални кандидати.
– Advertisement –
Иако сите овие земји се уште се на почеток на процесот за пристапување кон ЕУ, извештајот објавен од Фондацијата отворено општество покажува дека повеќе од половината Французи се против проширувањето на ЕУ во овој регион.
Притоа 49 отсто сметаат дека членството на Северна Македонија и Црна Гора, на пример, би било лошо. За Северна Македонија 25 отсто од испитаните рекле дека нејзиното членство би било добро, а додека 26 отсто се без мислење. За Србија негативно мислење имаат дури 60 отсто од Французите, за Босна и Херцеговина 58 отсто, Албанија 60 отсто и Косово 65 отсто. Студијата исто така посочува дека Турција добива 76 отсто негативни мислења.