Мнозинството пратеници во парламентот на Црна Гора потпишаа предлог за покренување постапка за утврдување дали претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, го прекршил Уставот.

Меѓутоа, крајната одлука би требало да ја донесе Уставниот суд кој, како и нашиот, со месеци е некомплетен.

Процедурата предвидува дека постапката за утврдување дали претседателот го прекршил Уставот може да поведе собранието на предлог на најмалку 25 пратеници. Потоа, парламентот предлогот го доставува до претседателот за тој да се изјасни, а одлуката дали го повредил Уставот ја носи Уставниот суд. Но, во овој суд нема кворум бидејќи со месеци не може да се комплетира со оглед дека пратениците никако не може да изгласаат нови уставни судии.

Зошто се бара разрешување на Ѓукановиќ
На иницијативата се потпишани вкупно 41 пратеник што значи мнозинството од вкупно 81. Тоа се пратеници од старото парламентарно мнозинство кое формираше влада во декември 2020 година со што партијата на Ѓукановиќ тогаш замина во опозиција по 30 години на власт. Конкретно иницијативата е поддржана од: Демократскиот фронт, Демократска Црна Гора, Обединета и Вистинска Црна Гора, Граѓанското движење УРА, Социјалистичката народна партија (СНП), Движењето за промени (ПзП) и ЦИВИС.

Таа се покрена откако претходно ова мнозинство даде поддршка Миодраг Лекиќ да биде мандатар за формирање нова влада, но Ѓукановиќ одби да го прифати предлогот.

Во објаснувањето претседателот наведе дека не биле доставени сите потписи од пратеници, дека тие не долше кај него на консултации и оти не стекнал впечаток дека постои јасно мнозинство кое би можело да формира нова влада којашто ќе понуди решенија за проблемите со кои се соочува државата на економски, правен, институционален и политички план.