Министерството за надвореши работи денеска во песрет на Денот на Европа организираше настан на кој младите од земјава упатија пораки до ЕУ дека Република Северна Македонија заслужува да биде дел од европското семејство и оти сега ЕУ е на потег.
Во своето обраќање на настанот, министерот за надворешни работи Бујар Османи истакна дека денеска им го остава микрофонот на младите за да се чуе нивниот глас за она за што политичарите премногу долго го повторуваат – ЕУ и да го дигнат гласот за реформи, за правната држава, за борбата против корупцијата, за сопствената иднина.
-Овој 9 мај е во година кога одбележуваме 20 години од потпишување на договорот за асоцијација со ЕУ, и 16 години откако е добиен статус кандидат за членство. 20 години работа, труд, потфрлувања, успеси и надежи да го преминеме овој ѕид наречен почеток на преговори. Зид кој стана симбол не само на европските аспирации на нашата држава туку стана тест за кредибилитетот на европската идеја во регионот. Но денес, кој знае по која пат, ние сме повторно соочени со билатерална блокада на Унијата да ја имплементира сопствената одлука. Денес, во пресрет на утрешниот ден на Европа повеќе сум инспириран од младите отколку од дипломатската коректност на која сум упатен; и затоа ќе бидам прецизен и јасен: Ние испорачавме, на ред е и Унијата да испорача онака како што вети!, истакна Османи.
Шефот на дипломатијата истакна дека политичарите веќе не можат овие млади луѓе да ги повикуваат на внимателност, да се повикаме на надежта како последен мотив за нашиот и нивниот успех. Гласот на младите, кажа тој, треба да го слушнат сите оние кои, како што рече, заедно со нив, ги повикувале младите на фер однос, на трпеливост, на мудрост, колнејќи се на нашата посветеност за Европа, но и колнејќи се во системот на заслуги.
-Им ветивме дека ако испорачаме европски реформи, ако испорачаме европски однос со соседите, ако сме пример на Балканот за тоа како се имплементираат европските правила дома – дека ќе добиеме европски одговор. И затоа денес мадите побараа збор, рече Османи.
Тој, како што подвлече, планира оваа платформа зад него да ја отвори за младите и понатаму.
-И не само да ја отворам, туку ако треба ќе ја носам од град во град, од место во место за младите слободно да го изразат својот револт, и кон нас ако не испорачуваме но кон неоправданите блокади, да ја изразат својата амбиција која им следува; да ја изразат нивната автентична загриженост за европската перспектива на земјава затоа што е тоа нивна иднина. Не само затоа што се нетрпеливи поради нивната младост и млад дух, туку затоа што преку силината на нивниот глас треба да ја скршиме оваа невидлива бариера наречена почеток на преговорите, рече Османи.
Утре, на 9 мај, истакна тој, сите ќе го одбележуваме денот на Европа повторувајќи ги по којзнае кој пат нашите европски заложби и перспективи.
–И тоа е правилно, ние сме дел од Европа и 9 мај е и наш ден! Но денес порачувам дека од денес овој глас на младите ќе биде нашиот мотив, нашата парадигма, нашиот потсетник кога утре сите ќе си го честитаме заедничкиот ден, рече Османи.
Младите, своето обраќање го прочитаа на македонски, албански и англиски јазик и ќе биде испратено до странските амбасади и мисии во земјата.
-Не дозволувајте уште една генерација млади луѓе да не го доживее европскиот сон во својата држава. Ние, младите, на овој или оној начин ќе станеме дел од Европската Унија, но дозволете ни тоа да биде во нашата држава/дома. Нас младите, растени со европската идеја и вредности, ни е доста од декларативна поддршка и охрабрување. Потребно е да видиме акција и реални одлуки! Дел од политичарите ќе речат дека иднината е на младите, но иднината започнува во сегашноста. А во сегашноста храбри одлуки, какви што впрочем ние покажавме дека имаме моќ да ги носиме. Сега е ред на вас!, посочија младите.