Со натпреварот помеѓу Македонија и Србија, за квалификациите за Европското првенство за фудбалери до 21 година, пуштен е во употреба реновираниот градски стадион во Охрид.
На реновираниот стадион се изгради трибина а со 1480 седишта, се постави модерно осветлување на теренот, а се осовремени и наводнувањето на тревнетиот терен, информира Гордана Јованоска, директор на СРЦ Билјанини извори.
„Во летниот период беше оспособен новиот начин на наводнување со сензори и компјутер, нема веќе човечки фактор бидејќи наводнувањето е регулирано за да се наводнува стадионот во ноќните часови. Наутро е подготвен за екипите да го користат“ – истакна Јованоска.
Агенцијата за млади и спорт, наскоро ќе финансира нов проект во Охрид, ќе започнат нови градежни зафати за енергетска ефикасност на спортската сала.
Ќе бидат поставени фотоволтаични панели за затоплување на спорската сала Билјанини извори.
Се планира да се постават 100 фотоволтаични панели на површина од 2900 метри квадратни. Панелите ќе произведуваат 80 киловати часови топлинска енергија и 38 киловати часови електрична енергија во текот на една година.
„Проектот е изготвен и ќе се објави тендер по завршување на локалните избори. Ќе има повик за поставување на фотоволтаичните панели на салата“ – додава Јованоска.
СРЦ Билјанини извори, покрај осовременувањето на постоечките спортски терени изгради и два нови, помали песочни терени за играње на вулт. Изградени се два терени во близина на тениското игралиште со димензии 5 на 15 метри, на барање на странски гости за рекретавино играње на оваа игра која потекнува од Франција, а се игра во Скандинавските земји, а сега ќе може да ја играат и охриѓани.