Христина Наумовска и Анастасија Видеска се студенти на Институтот за биологија при Природно Математичкиот факултет во Скопје.

Преку програмата за поддршка на млади еколози „Д-р Љупчо Меловски“ во рамките на Македонското еколошко друштво, тие реализирале два проекта– „ВАлоризација на ДИјатомејскиот состав во ВОдните станишта во ДемирхисАрскиот регион“ (ВАДИВОДА) на Христина Наумовска и „ДИјатомеи во ВАлоризација на водни и влажни станишта на Кожуф (ДИВАК)“ на Анастасија Видеска.

Приватна архива / Струговско Езеро

Младите истражувачки велат дека според националната стратегија за биолошка разновидност во нашата држава, сите влажни и блатни живеалишта се сметаат за високо засегнати природни хабитати.

Во таа насока ќе ги спомнеме едни од најважните организми кои ги населуваат овие живеалишта. Диjатомеите, (едноклеточни организми, микроскопски алги) претставуваат примарни продуценти во слатководните и морските екосистеми. Тие се користат како прецизни индикатори за еколошкиот статус на водните тела во Европа, како и процесите на ацидификација, еутрофикација и загадување“, велат тие.

Приватна архива / Колекционирање материјал с. Бабино

Оваа активност ќе придонесе пред сè во идните активности за заштита на планинските живеалишта. Со добиените резултати стекнавме јасна слика за заканите и притисоците со кои се соочени дел од локалитетите опфатени во проектите“, посочува Видеска.

Христина Наумовска идентификуваше нови видови алги во демирхисарскиот регион

Резултатите од демирхисарскиот регион придонесоа во научните сознанија за дијатомејскиот состав во истражуваното подрачје, како и нивна екологија и дистрибуција, за кои претходно немаше доволно информации.

Приватна архива / Нов вид алга – Craticula sp.

Во период од 11 месеци, беа идентификувани околу 340 видови дијатомеи, меѓу кои и видови кои се за првпат регистрирани во нашата земјa, но и многу поважно, видови кои се нови за наука од родовите Asterionella и Craticula. Како најистакнати локалитети во однос на дијатомејскиот состав во овoј регион се истакнуваат Струговско Езеро, Горно и Долно Суводолско Езеро, како и водните живеалишта формирани како резултат на активноста на некогашниот рудник во с. Жван, кои се сметаат како екстремни, но и многу ретки.

Добиените информации од проектот ни овозможуваат да добиеме јасна слика за водните живеалишта на кои треба да се посвети поголемо влијание за нивна заштита и зачувување.

Приватна архива / Колекционирање материјал од алпско езерце на Аџибарица

Анастасија Видеска подготви валоризација за одредени водни и влажни живеалишта на Кожуф

Според Видеска, досегашните истражувања укажуваат дека планината Кожуф изобилува со многу разновиден, но пред се уникатен биодиверзитет. Добиените резултати претставуваат солидна основа и овозможуваат силни аргументи во однос на заштитата на овие живеалишта. Истакнати локалитети врз база на дијатомејската флора се акумулацијата Доне Попов, од каде е веќе опишан еден нов вид за науката, како и високопланинските локалитетите Алчак и Аџибарица.

Специфичноста на овој регион особено се истакнува преку локалитетите Длабок Дол и Серменинска Река, каде се утврдени многу ретки и нови видови дијатомеи (Cymbella, Diploneis). Овие истражувања дополнително го нагласија значењето на планината Кожуф како исклучителен регион, не само од геолошки туку и од биолошки аспект.

Приватна архива / Нов вид алга – Diploneis sp.

Наоѓањето начини како научниот аспект од проектот да се трансформира во алатка која ќе може секој да ја разбере и применува е од клучна важност, бидејќи локалното население може многу да придонесе кон зачувување и заштита на водните и влажните живеалишта.

Христина и Анастасија велат дека за жал, во нашата земја нема многу програми кои помагаат да се поттикне ентузијазмот на младите истражувачи. Тие изразија огромна благодарност до Македонското еколошко друштво (МЕД), за пружената шанса и мотивација за реализирање на нивните проекти. Со што како што велат, успеале да реализираат дел од целите на програмата, како проучување и заштита на биодиверзитетот и природата, како и градењето на еколошки капацитети во нашата држава.