Центарот за локални иницијативи-Битола, почна летна школа за млади, со работилници за изучување стари занаети за изработка на производи од сребро, глина и текстил.

Од ЦЛИ-Битола информираат дека последниве години во нивни истражувања, забележан е благ тренд за реанимација на дел од старите занаети од помлади луѓе и затоа е важно со вклучување на младите, да се придонесе за спасување на традицијата и културното наследство во градот.

– Во рамки на проектот, ние, заедно со учесниците ќе извршиме анимирање и едукација на млади креативни луѓе во три различни занаети, со цел стекнување на основни знаења и вештини за работа во соодветен занает со крајна цел нивното насочување, занаетот да им стане идна професија. Првата активност е во тек, летна школа со работилници посветени на изучување на три стари занаети, односно изработка на производи од сребро, глина и текстил со мотиви од културното наследство во кои ќе се прави спој на уметност, мотиви од фолклорот и културата и нови материјали. Втората активност е креирање на дигитална платформа за промоција на конкретните занаети, но и слики и рецепти од традиционални јадења, подготовка на храна по стари рецепти кои исто така се дел од културното наследство на учесниците, информираа од ЦЛИ-Битола.

Ментори на летната школа се афирмирани претприемачки, успешни млади жени од Битола, Биљана Велчевска, Надица Бицева-Димитровски и Лиле Кадинска.

Проектот „Афирмација на културата и традицијата преку креативни иновативни занаети за млади“ е финансиран од Министерство за култура.