Талентираниот играч за врска на Барселона, Илаикс Мориба одлучи да ги брани боите на Гвинеја.

Мориба, кој има 18 години, играше за младите селекции на Шпанија, но ќе игра за Гвинеја.

Во интервју за „Кадена СЕР“, неговиот татко потврди дека неговиот син се повлекува од репрезентацијата на Шпанија со цел да игра за земјата од која е роден и потекнува.

Наводно, Илаикс веќе го известил Шпанскиот фудбалски сојуз.

Инаку, во моментов не му оди баш најдобро во Барселона. Тој одби да потпише нов договор бидејќи сака повеќе пари, поради што Роналд Куман го исфрли од тимот и тој мора да тренира сам.

За Мориба вчера проговори и тренерот на каталонскиот клуб, Роналд Куман. Разочаран е од однесувањето на младиот играч.

“Разговарав со него пред неколку недели повеќе како човек отколку тренер на Барселона. Тој е во ужасна ситуација. Тој е иднината на клубот и воопшто не тренира или игра со нас. Знам што може клубот да му понуди и мојот совет е дека парите не се најважни. Најважно е играњето. Сепак, тој и неговите агенти одлучија поинаку. Разочаран сум бидејќи повеќе верувам во фудбал отколку во договори. На 18 години, парите не смеат да бидат толку важни за вас“, рече тренерот на Барселона.

По овие зборови, Мориба се појави и на социјалните мрежи. Тој објави само краток цитат.

„Илјадници приказни, и никој не ја знае вистината“.