Денес на одржаната седница на Комисијата за здравство при Собранието на Република Македонија, едногласно се изгласаа заклучоците и препораките од Надзорната расправа на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје”.

Вкупно учествуваа 42 сведоци, кои го дадоа својот исказ и одговараа на прашањата поставени од членовите на Комисијата, а дополнителни прашања поставуваа и сите други присутни и заинтересирани пратеници.

„Комисијата утврди дека од вкупно усвоени триесет и три препораки и задолженија од Јавната расправа на тема “Енормно загадување на амбиенталниот воздух во Република Македонија” одржана во Собранието на Република Македонија во 2018 година, властите целосно или делумно спровеле само шест. За шест години властите имале реализација од скромни и недоволни 15% реализација на препораките и задолженијата кои им биле дадени од Собранието на Република Македонија“, изјави Рашела Мизрахи, пратеничка од ВМРО-ДПММЕ.

Согласно исказите од раководните лица од државните институции кои учествуваа во надзорната расправа за состојбите во кои ги затекнале истите при преземање на функцијата од своите претходници, таа рече дека комисијата утврдила бројни недоследности во спроведување на законската регулатива како и негрижа за кадровските решенија што сериозно ја намалила функционалноста на институциите.

Комисијата утврдила и потреба од измени и дополнување на законската регулатива и зајакнување на мерките за справување со аеро-загадувањето како и кадровскиот капацитет на институциите релевантни за борбата против аерозагадувањето.

„Согласно исказите на сведоците од лекарската фела, директорот на Светската Здравствена Организација во Македонија како и Институтот за јавно здравје на Македонија, комисијата утврди дека долготрајната изложеност на загаден воздух допринесува кон појавата на бројни заболувања, дополнително ја влошува од други причини нарушената здравствена состојба, претставува неспорен фактор кој влијае на бројот на смртни случаи и нанесува огромна финансиска штета врз здравствениот систем во државата“, изјави Мизрахи.

Таа истакна дека Комисијата утврди дека за ефикасно справување со аерозагадувањето потребна е државна стратегија со долгорочни мерки со цел трајно подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух на целата теритирија на државата.

Текстот Мизрахи: Од 33 препораки за намалување на загадувањето донесени во 2018 година, спроведени се само шест е превземен од МАКФАКС.