Ракометната репрезентација на Македонија го одигра убедливо најслабиот натпревар во историјата на големите натпреварувања, со постигнати само шест гола за 30 минути и вкупно 19 гола на цел натпревар.

Ракометарите доколку на првиот натпревар против Шведска доживеаја дебакл, вечерва против се буквално понижени од Египет губејќи со 38:19, но не е толку резултатот лош колку што е разочарувачка лошата игра во сите 60 минути.

Желбата за надигрување со „фараоните“ исчезна по воведните минути и тоа беше вовед во најлошо полувреме во историјата на македонската репрезентација, беа постигнати само шест гола за 30. минути.

Филип Кузмановски ги постигна првите два гола за Македонија, потоа и Лазаров намали на 5:3 по што следеше серија од 5:0 на ракометарите на Египет со која во 11. минута дојдоа до 10:3.

Брестовац беше приморан да земе тајм-аут кој донесе мини серија од 3:0 со головите на Лазаров и Пешевски, но тоа беше се што направија до крајот на полувремето. За маките да бидат поголеми, Филип Кузмановски во 19. минута доби црвен картон поради удар во главата на противникот. Одбраната воопшто и да не постоеше, па египетските ракометари како сакаа постигнуваа голови.

Во второто полувреме идентична слика, без желба за надигрување, без мотив да се покаже нешто повеќе на Мундијалот и во 40. минута резултатот на семафорот стоеше 40:10. Доколку селекторот на Египет, Роберто Парондо, не ги извади најдобрите ракометари и го намали темпото, разликата сигурно ќе беше поголема. На крајот, ракометарите доживеаја ново разочување губејќи со 38:19.
На ракометарите и селекторот задутре против Чиле им останува да го поправат впечатокот од првите два натпревари.