Со месеци во македонското Собрание гледаме една иста слика а тоа е на различни начини да се опструира и да се блокира работата на Парламентот од страна на ВМРО-ДПМНЕ, вели координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.
-Од ваквите опструкции и блокади, собраниските седници траат предолго, носењето на закони во интерес на граѓаните чекаат со месеци, заглавени се во комисиите кои ги води опозицијата. Со еден збор, тоа не е само континуирана штета на угледот на Собранието, тоа е штета на ефикасноста, а со тоа предизвикуваат штета и на граѓаните. Вчера цел ден граѓаните можеа да видат како пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја одолговлекуваа собраниската седница. Не дозволуваат парламентарното мнозинство да биде пресликано и во работните тела и комисиите. Работата на Комисијата за избори и именувања со месеци е закочена, а таа е важна за избор и именување на составите на важни државни институции. Една од нив, секако е и Уставниот суд кој со месеци работи во нецелосен состав. Со одолговлекувањето на оваа седница, ВМРО-ДПМНЕ кочи и други важни закони кои се на дневен ред, меѓу кои и Законот за земјоделство и рурален развој кој обезбедува 100 отсто субвенционирана нафта за земјоделците, од досегашните 50 отсто. Тоа значи целосно покривање на трошоците за нафта. Покрај ова, со месеци во Собранието гледаме блокада на други важни закони, вели Митрески.