Министерот за внатрешни работи на Бугарија, Даниел Митов, свечено ја отвори меѓународната конференција „Бугарија во Шенген“, организирана од бугарското Министерство за внатрешни работи, пренесува Трибуна. Настанот е дел од серијата активности во рамките на Европската унија посветени на одбележување на 40-годишнината од потпишувањето на Шенгенскиот договор.

Конференцијата собра на едно место претставници на различни бугарски безбедносни и полициски институции, партнери од соседните држави–членки на Шенген, агенции на ЕУ во областа на внатрешните работи, како и меѓународни и невладини организации.

Во своето обраќање при отворањето, министерот Митов истакна дека Шенгенскиот договор означил почеток на безпрецедентна соработка во историјата на европскиот континент во областа на заштитата на надворешните граници и борбата против тероризмот.

„Минуваме низ многу предизвици – миграциони бранови, пандемијата на Ковид-19, како и внатрешнополитички ситуации во одделни држави. Бугарија со години вложува сериозни напори и успешно го контролира миграциониот притисок. Во последните години инвестираме значителни средства во заштитата на нашите граници. Бугарија обезбедува и ќе продолжи да обезбедува заедничка безбедност за Европската унија,“ изјави Митов.

Тој нагласи дека Шенген значи заемна доверба и потсети дека Бугарија поминала низ бројни проверки, дел од нив иницирани и по сопствена волја, со цел да ја потврди својата подготвеност и посветеност на заедничките европски вредности.