Бугарија е многу блиску до вклучување во програмата за патување без виза во САД, објави министерот за внатрешни работи на Бугарија Даниел Митов, кој се наоѓа во посета на САД, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.

„Ова прашање го поставуваме како врвен приоритет, а нашата влада со гордост бележи значителен напредок“, изјави Митов по средбата со заменик-секретарот на американскиот Департмент за внатрешна безбедност Кристофер Прат.

Веќе оваа недела започнува нова трилатерална средба помеѓу САД, Европската комисија и Бугарија, на која ќе се разгледуваат технички аспекти од работниот план. Во декември се очекува проценка од администрацијата на претседателот Доналд Трамп за досега направеното. „Се надевам дека ќе биде позитивна, за да го завршиме успешно патот што го започнавме пред многу години“, додаде Митов. Тој ги поканил претставниците на Департментот за внатрешна безбедност да спроведат мисија во Бугарија со цел проверка на подготвеноста на земјата за влез во програмата.

Покрај прашањето за визите, со Прат била разгледана и безбедноста на две од најоптоварените граници во светот – бугарско-турската и американско-мексиканската.

Преку објава на својата официјална Фејсбук страница, Митов даде детална информација за посетата:

Во Бирото за дипломатска безбедност остварив средба со директорот Тад Остерхоут. Митов изјави дека „во последните четири години на политичка нестабилност, Бугарија ја изгуби вистинската насока, но од јануари имаме стабилна и редовна влада, решена да го исполни мандатот и да ја врати земјата меѓу сериозните партнери, како на САД, така и во рамките на ЕУ“. Тој истакна дека Министерството за внатрешни работи, во тесна соработка со американските дипломати во Софија, ќе биде сигурен партнер во идентификација и спречување на потенцијални закани – и за бугарското општество и за американските граѓани и дипломати во земјата.

Митов нагласи и целосната посветеност на МВР и на бугарската влада за ефикасна борба против трговијата со луѓе и нелегалната миграција.

На крајот од посетата, тој изрази специјална благодарност до бугарскиот шарже д’ афер во САД, Стефка Јовчева, и до полицискиот аташе во Вашингтон, Ивајло Генков, за одличната подготовка и организација на посетата на бугарската делегација.

Во делегацијата на Митов учествуваа и директорите на Главната дирекција за национална полиција (ГДНП), за борба со организиран криминал (ГДБОП) и за гранична полиција (ГДГП) – главните комесари Захари Васков, Бојан Раев и Антон Златанов.