ВМРО-ДПНЕ поднесе претставка до Антикорупциска за именувањето на Марјан Митовски за директор на Водовод и канализација. Како што велат тие, градоначалничката Данела Арсовска го назначила Марјан Митовски на две позиции, директор на ЈП „Водовод и канализација“ и член на Управен одбор на ЈП “Улици и патишта“, со што директно се прекршува  членот 44 од Законот за спречување на корупција и судирот на интереси.

Како што соопшти Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, со овој член од Законот е регулирана забрана за вршење на други дејности и во него изрично е наведено дека избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функцијата која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите.

-Марјан Митовски во моментот на назначување на позицијата вршител на должност – директор на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје паралелно е носител и на друга функција, член на Управен Одбор на Јавното Претпријатие „Улици и Патишта“ – Скопје, и со тоа директно се прекршува членот 44 од Законот за спречување на корупција и судирот на интереси, според кој е регулирана забрана за вршење на други дејности и во кој изрично е наведено дека избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функцијата која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите, нагласи Митева.

Воедно, Митовски не смеел да биде назначен за директор на ЈП „Водовод и канализација“ се додека е член на УО на друго јавно претпријатие на Град Скопје.

Имено според став 4 од членот 44 од Законот за спречување на корупција и судирот на интереси јасно е наведено дека избрано или именувано лице не може истовремено да врши функција на одговорно лице или член на орган на управување или надзорен орган во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал.

Во однос на горенаведеното, оваа претставка до ДКСК ја доставуваме со цел правилна примена на Законите и со тоа ја повикуваме институцијата да постапи по овој случај со што и на дело ќе се покаже дека заложбата на функционерите е да бидат во еднаква служба кон сите носители на јавни функции.