Американската Национална воздушно-вселенска администрација – НАСА одреди датум за лансирање на своја ракета „СЛС“, коешто ќе го означи почетокот на мисијата „Артемис 1“ на Месечината. Таа треба да полета на 29 август ова лето.

Тековните планови на НАСА вклучуваат испраќање на вселенското летало „Орион“ на врвот на ракетата – кон Месечината. Џиновската ракета ќе биде поставена на лансирната рампа на 18 август, а потоа има три можни датуми за лансирање – 29 август, 2. или 5 септември.

За да се изврши лансирањето на 29 август, односно во првиот можен термин, потребно е сите подготовки да се одвиваат без проблеми, а важен фактор се и поволните временски услови.

Вселенското летало треба да полета на 29 август, а да се врати на Земјата на 10 октомври. Доколку лансирањето се случи на 2 септември, слетувањето е предвидено за 11 октомври, а во случај на 5 септември, враќањето ќе се очекува на 17 октомври.

Мисијата „Артемис 1“ почнува нова ера на истражување на Вселената. Леталото „Орион“ ќе ја обиколи Месечината, без слетување и ќе се врати на Земјата со спуштање во Тихиот Океан.

Мисијата „Артемис 2“ ќе го изврши истиот маневар, но овој пат ќе има и астронаути во вселенското летало. Што се однесува до „Артемис 3“ – таа ќе биде изведена со помош на „Старшип“ ракета на „Спејс-Икс“ и предвидено е слетување на луѓе на Месечината, официјално – првпат по 1972 година. Овие две мисии се планирани за 2025 година.

Ако НАСА го пропушти „прозорецот“ од 5 септември, ракетата „СЛС“ може да биде лансирана во октомври.