Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел денеска пред Европскиот парламент изјави дека одговорните за злосторствата извршени во Украина, која Русија ја нападна пред еден месец, ќе се соочат со „меѓународната правда“.
– Русија е одговорна за оваа војна. Русија и само таа. Напади на цивилно население, жени, деца, сето тоа се злосторства и одговорните мора да бидат изведени пред лицето на правдата. Тоа во никој случај нема да остане неказнето, истакна Мишел, обраќајќи им се на европратениците на пленарната седница во Брисел.
Притисоците кои произлегуваат од војната во Украина ги покажаа силните страни, но и слабостите на Европската унија, порача Мишел.
На пленарната седница на ЕП се разговара за исходот од неформалниот самит одржан на 10 и 11 март и приоритетите за состанокот на Европскиот совет на 24 и 25 март.
– Кога зборуваме за нашите слабости, првата е слабоста во однос на енергијата. Сакаме да бидеме независни во иднина, но мора да преземеме итна акција за да ја зголемиме нашата независност и да престанеме да бидеме зависни од фосилните горива, истакна Мишел.
Во своите заклучоци на самитот утре и в петок, шефовите на држави и влади на ЕУ треба да го поддржат предлогот на Европската комисија за воведување обврска со која земјите-членки се должни своите складишта за гас да ги полнат најмалку 90 отсто пред следната зимска сезона.
– Втората тема поврзана со ова: станува збор за Европа и јакнење на нејзините одбранбени капацитети. Многумина велат дека треба да ги зголемиме европските безбедносни и одбранбени капацитети. Треба да ја промениме брзината. Одлуката што храбро ја донесоа 27-те лидери на европските земји-членки во однос на соработката во областа на одбраната е голем чекор напред, нагласи Мишел.